За петицијата #КрајЗаРасипништвото што ја поведоа ЦИВИЛ и група граѓанки и граѓани за укинување или драстично намалување на привилегиите, недостигаат уште околу 50 потписи, по што ќе се затвори петицијата и ќе се продолжи со следните активности.
„Забележавме дека и Владата се обидува да стави некои рестрикции, да ги намали бенефициите, да ги намали привилегиите на функционерите, на избраните и на именуваните, но сметаме дека тоа одалеку не е доволно. Во Парламентот имаше некои одгласи, меѓутоа исто така е недоволно. Претседателот на државата даде една јасна порака во која ја поддржа иницијативата и сметаме дека тоа е еден чекор повеќе и дека она што треба да следува во наредниот период е ние како граѓански организации да извршиме сериозен притисок за привилегиите да бидат укинат. Бидејќи во оваа сиромашна земја имате привилегии какви што ги немаат ниту најбогатите земји во светот“, изјави Џабир Дерала.
Тој додаде дека ќе се изврши сериозен притисок во јавноста, но и дека ќе се преземат активности во рамките на законите и Уставот, со иницијативи, одредени законски мерки и ќе стигне до Парламентот.
Во однос на иницијативата на ДКСК да се раскине договорот за закуп кој се однесува на двајцата поранешни претседатели, Црвенковски и Иванов, Дерала вели дека ДКСК има одлична иницијатива и дека нивните гледишта во голем дел се идентични со ставовите на ЦИВИЛ.
„Владата може да донесе одредени мерки, може да направи многу во овој поглед, меѓутоа на крајот јас сум убеден дека всушност законодавниот дом треба да го даде својот последен збор. И поради тоа сметаме дека законодавниот дом, пратеничките и пратениците, без оглед на тоа од која партија доаѓаат, мораат да најдат доблест, еден морален интегритет и навистина да му стават крај на расипништвото. Исто така одредена улога има и Уставниот суд, односно ние сметаме дека е исправна препораката на ДКСК да се преиспита законитоста на Законот за привилегии на Претседателот“, додаде Дерала.
Тој вели дека трошоците кои ги имаат привилегираните функционери по завршувањето на нивните мандати е само уште еден непродуктивен трошок.
„И законот за СОЗР е во спротивност со овој закон за привилегии, а и самиот закон е противуставен бидејќи според член 9 од Уставот на РСМ сите сме еднакви. Ние сме во поддршка на Уставот и тој е многу јасен, недвосмислен и прецизно одредува дека сите сме еднакви, во еднаквоста нема ретроактивности или некоја друга правна флоскула од која се кријат политичарите а и оние правници кои нив ги поддржуваат“, вели тој.
Ангела Петровска
камера: Атанас Петровски
фотографија: Маја Ивановска