Дебар станува кошмар за СДСМ

Арбен Зеќири

СДСМ сè уште нема одлука како ќе постапи на локалните избори во Општина Дебар. Во последните часови до крајот на рокот за поднесување на кандидатури, кој истекува вечерва на полноќ, сигурно е само дека СДСМ нема да има свој кандидат во оваа општина. Но, најголемата партија на власт сѐ уште нема одлука дали ќе го поддржат кандидатот на коалицискиот партнер, ДУИ, или ке останат неутрални.

Имајќи предвид дека предвремените локални избори во Дебар се одржуваат во исто време со претседателските избори, позицијата на СДСМ станува сѐ понеспокојна. Од една страна, СДСМ има можност да го поддржи коалицискиот партнер, кои му дадоа поддршка на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. Од друга страна, пак, СДСМ се наоѓа и пред ситуацијата да ја налутат опозициската коалиција, Алијансата на Албанците и Движењето Беса, кои имат заеднички кандидат во Дебар и единствен кандидат од албанските партии на претседателските избори.

Евентуалната победа на кандидатот на ДУИ, благодарение на директна и јавна помош од СДСМ, создава опасност албанските опозициски партии да се налутат и најмалку што можат да направат за да се „одмаздат“ е да бојкотираат или да бидат неутрални во вториот круг на претседателските избори.

СДСМ сѐ уште е меѓу дилемата, кој блок на албански партии го контролира најголемиот број на гласачите во албанскиот електорат и која страна им е поисплатливо да (не) ја „налутат“. Преку разни портали денеска се објави и веста дека ВМРО-ДПМНЕ може да му даде поддршка на кандидатот на Алијансата за Албанците во Дебар, а за возврат да добие подршка од АА за нивната кандидатка за претседателка, Гордана Силјановска. Но, од партијата на Зиадин Села, најостро се демантира постоење на еден таков договор.

„Се оградуваме од секоја лажна вест и клевета посочена кон нашиот субјект, наводно, дека ќе поддржиме македонски кандидат во вториот круг. И за време на процесот на уставните промени, го поддржавме Преспанскиот договор со цел да станеме членка на НАТО и целосно сме посветени на патот кон интеграција на државата во Европската унија. Ова го потврдуваме постојано уште од самото основање на Алијансата за Албанците“ – се вели во писмената реакција на АА.

Сепак, овој демант не ја смирува другата страна, конкретно, најголемата владејачка партија, СДСМ. Од партијата на Села тврдат дека нема да прават позадински пазари и дека Алијансата за Албанците ќе работи само на унапредување на статусот на Албанците во Северна Македонија.

Алијансата за Албанците не прави тајно политичко пазарење, ниту за претседателските избори, ниту за локалните избори. Нашата единствена цел е победа на искрените Албанци во двете трки во кои што влеговме. Алијансата за Албанците никогаш не направила изборно партнерство со ниту еден македонски ентитет, ниту пак ќе го стори тоа во било кој момент, ако тоа не е во служба на унапредување на правата на Албанците, во согласност со политичката платформа на АА и со целосна транспарентност пред Албанците и пошироката јавност”, тврдат од Алијансата за Албанците.

Оваа партија, во првиот круг на претседателските избори, ќе го подржи независниот кандидат, екс амбасадорот Блерим Река, кој за прв пат е едиствен кандидат Албанец на претседателски избори. Собраниот број на гласови во првиот круг се гледа како можен капитал на оваа партија и на партијата на Биљал Касами за преговори и условување во вториот круг на претседателските избори.

Оттука, тврдат партиски извори неофицијално, произлегува и стравот на СДСМ околу поддршката на локалните избори во Дебар.

 


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватностаПовредата на авторските права е забранета со закон. 

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.