Повеќе медиуми ја пренесоа оценката на претседателот на ДИК, Александар Даштевски, дека „Првите македонски избори со електронско гласање завршија успешно“.
Таков е на пример, насловот содржината на Сител од 1 ноември кој вели: Даштевски: Успешно завршија изборите, први со електронско гласање. Претходно, некои медиуми, како Скопје Инфо, известија за „фингерпринт“ апаратите како за „уреди за електронско гласање“.
Но, овие тврдења не се точни, бидејќи не станува збор за уреди за електронско гласање, туку за уреди за идентификација и регистрација на гласачите.
Подетални информации за тоа што се смета како електронско гласање може да се видат во прирачниците на ОБСЕ-ОДИХР, како „Прирачник за набљудување на регистрацијата на гласачите“ и посебниот Прирачник на ОДИХР за набљудување на новите технологии за гласање, 2013 во кој изразот „електронско гласање“ се користи како синоним за „нови технологии на гласање“ – „употребата на електронски системи за гласање, скенери на гласачки ливчиња и гласање преку интернет“.
И самиот претседател на ДИК, Даштевски во интервју за Радио Слободна Европа од 29 август 2021 со наслов: „Со апарати за отпечаток на прст за поголема сигурност на изборите“, прави разлика помеѓу електронското гласање воведено во други земји и нашето гласање. Накусо, гласањето со „фингерпринт“ апарати не е електронско гласање, туку начин на идентификација и регистрација на гласачите.
Се додека се користи пенкало за заокружување на гласачки ливчиња, и не се воведат системи за електронско пребројување, или гласачки машини како во Бугарија, или пак гласање преку интернет, не може да се зборува за електронско гласање, во онаа смисла во која се користи овој израз ширум светот.
Ова е само еден пример за мисинформација, или неточна информација, која јавноста може да ја прими како вистина, бидејќи доаѓа од носители на јавни функции и интерпретации на нивни изјави од медиумите. Затоа, и функционерите, но и медиумите, треба да бидат многу попрецизни во изнесувањето на вакви податоци, и да не ја доведуваат публиката во заблуда.