Дали Обвинителство ќе преземе мерки против организаторите на бојкот на пописот?

Дали отворениот повик и јавната онлајн и теренска кампања преку делење на летоци за бојкот на пописот на политичката партија Левица претставува кривично дело?, е прашањето кое ЦИВИЛ Медиа вчера го постави до Основното јавно обвинителство, но, до овој момент не добивме никаков одговор од ОЈО.

Од Владата денеска истакнаа дека повикувањето на бојкот на пописот е кривично дело според член 387 на Кривичен законик.

Во Член 387 од КЗ пишува:

(1) Тој што ќе организира други на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

(2) Ако поради делото од став 1 дошло до неспроведување или до значително отежнување на спроведувањето на законита одлука или мерка на државен орган или делото го стори како водач на група, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години.

По прес-конференцијата на Владата повторно испративме прашање до Обвинителство кое гласи: Дали ја проследивте изјавата на Владата за тоа дека организирањето на бојкот на пописот е кривично дело? Што планира ЈО да преземе во врска со ова?

До моментот на објавување на текстот немавме одговор.

Пописот треба да почне следниот четврток, на 1 април и да трае до 21 април.

Освен Левица, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски повторно повика на одложување на пописот. Секојдевно на бојкот на попис повикува и Националниот блок на Јанко Бачев.

Д.М.