Има ли внатрешен партиски „контраудар“ и во самата СДСМ, како што тоа ѝ се случуваше на опозицијата, со разни „ножеви забиени в грб“, во повеќе претходни изборни наврати?
САШО ОРДАНОСКИ
„Најверојатно СДСМ не успеа да го испорача резултатот за себе, па ако не испорачаш за себе, не можеш ни за другите“, вели вчера во „Утрински брифинг“ Имер Селмани, анализирајќи ги резултатите по првиот круг на гласање на тековните локални избори. Колегата Лирим Дулови кај Чомовски, пак, оцени дека партиските членови на СДСМ, а и граѓанството воопшто, ни во Град Скопје не ги дадоа „планираните“ гласови за Шилегов.
Едно е општата констатација за масовното незадоволство на граѓаните од владеењето на сдсмовските градоначалници – за некои од нивните „обновени“ мандати ни магарињата од Истевник, делчевско, не би гласале; што е, веројатно, превладувачкиот фактор во лошиот резултат на СДСМ. Но, има ли внатрешен „контраудар“ и во самата партија, како што тоа ѝ се случуваше на опозицијата, со разни „ножеви забиени в грб“, за кои обвинуваа во повеќе претходни изборни наврати?
Впрочем, немаше Заев вчера да испраќа писмо до сопственото партиско членство – и тој, како своевремено Груевски во својата прочуена партиска епистола, вели дека „сега е време за борба (збор што го повторува 5-6 пати во обраќањето – м.з.)… против злото… и враќањето на режимот“ итн. – со наслов „Обединување!“, ако во самата партија не заклучиле дека мора да постои извесно внатрепартиско „разединување“ по повод тековните изборни резултати.
Брзата анализа на изборните резултати укажува на идентична аномалија на сличен процент (околу 10%) на гласачки бојкот во мнозинството на општините, а како расте големината на населението по градовите, така расте и големината на бојкотот, со Скопје на врвот на таквата воздржаност, со пад на гласачката поддршка за СДСМ од 13 проценти. Анализата на статистиката вели дека лошиот резултат на владејачката партија не е последица на прераспределбата на гласовите од СДСМ кон конкурентите, а ниту ни на, за неколку проценти, помалата излезност на овие во споредба со претходните избори, туку на директната воздржаност на поддржувачите на СДСМ да го дадат својот глас за таа партија.
Оттука натаму, влегуваме во светот на политичките шпекулации… Материја за сладострасно политичко уживање!
Нормално, сомневањата за „лидерството“ во ваквата внатрепартиска пучистичка можност одат на сметка на „дежурниот виновник“ во СДСМ, Бранко Црвенковски, долгогодишниот велемајстор за манипулации со забивање ножеви в грб. (Хехехе, уште ме сврби лузната во мојот грб од пред 25 лета…)
Б.Ц., без сомневање, во последните 4-5 години прави сѐ што е во негова моќ да го дезавуира владеењето на Заев: тој не беше негов омилен кандидат ни кога го избраа да ја води партијата, а најчесто молчеше кога требаше громогласно да говори во негова и во поддршка на неговата политика што ја извади земјата од мракот на груевизмот; кога, пак, во неколку еминентни наврати се јави за збор, искажа големи критики за лидерството во сопствената партија – во која дури, заради Заев, си го „замрзна“ и членството. Иако во тој „фрижидер“ не престана често ѕирка, за да му ја провери внатрепартиската температура.
Последниот говор на Црвенковски во МАНУ – на страна искажаното општо политичко лицемерие од епохални размери – ќе остане забележан во аналите на македонските партиски превирања како спектакуларен обид да се интервенира во внатрепартиската „географија“ на СДСМ. Како на времето, кога со бележит придонес го уриваше Бучковски од власт, Шекеринска од партиското кормило и Петковски во претседателската кандидатура. Црвенковски и денеска ја доживува партиската зграда на „Бихаќка“ како хотелски објект со вртечка врата на влезот, додека тој во три смени стои на пултот за рецепција.
Додуша, на сметката на Црвенковски со години се припишуваат и допишуваат разноразни митологии и легенди, како што тоа и му следува на политичар кој долго време, секојдневно, го палел и го гасел светлото во државата. Неговите политички и „бизнис структури“ се сѐ уште опсежно распоредени низ државава, покажувајќи завидна отпорност на подоцнежниот наплив од компетитивните мрежни инсталации на Груевски и Заеви. Кога би требало да се анализираат тие компликувани конекции, спротивставени интереси и испреплетувања, плус „пропорционалната застапеност“ на Али Ахмети во „манџите“, изборните победи и порази, односно прашањето кој владее со земјата, би биле во центарот на анализите.
Тогаш, кој е одговорот на прашањето од насловот на овој текст, дали Бранко го поздрави Зоки за локалниве избори?
Го поздрави, јако. А во месеците што следуваат веројатно се надева на Заев да му испрати и финална честитка „за успомен и дуго сечање“.
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.