Тема на втората сесија од конференцијата за човекови права, правда и антикорупција „Следна станица: Европа“ е борбата против корупцијата. Учесници се Заменик премиерот за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски, политичкиот аналитичар и универзитетски професор, Сашо Орданоски и универзитетската професорка Јасна Бачовска.
Кои се најголемите предизвици за нашата земја што се однесува до криминалот и корупцијата? Што успеа новиот владин ресор за борба против корупцијата и криминалот, а што не успеа да постигне за шест месеци? Ќе ја добие ли оваа Влада битката против корупцијата? Европскиот парламент објави студија за дезинформациските кампањи во земјите на Западен Балкан во која се наведува името и презимето на повеќе актуелни ликови во политиката и медиумите. Дали македонските институции имаат капацитет да се борат против хибридните закани? Што ќе се преземе на политички, правен и општествен план за да се санираат тешките последици од дејствувањето на овие лица наведени во Студијата... се дел од прашањата на коишто ќе се обидат да одговорат учесниците на втората сесија од конференцијата „Следна станица – Европа“, со наслов „Борба против корупцијата и криминалот“.
„Северна Македонија е во деликатна фаза на својот евроинтеграциски пат. И во претходниот и во сегашниот мандат, Владата покажува отвореност кон јавноста и граѓанското општество, а овие денови се навршуваат и 100 дена Влада во новиот мандат. Со оваа конференција ќе се отворат главните прашања во домените на правото и правдата, како и во борбата против корупцијата. Истовремено, ќе направиме обид со конференцијата да започнеме релевантна дискусија за овие прашања во јавноста, наспроти сегашните дневнополитички и теснопартиски надмудрувања на социјалните мрежи. Ова се теми за кои мора да се разговара отворено, со такт и со стратешки и стручен пристап, не со популизам, својствен за еден дел од политичките партии во земјава“ – изјавуваат од организацискиот тим на ЦИВИЛ.
Настанот се организира во рамките на Фестивалот на слободата (25 ноември – 11 декември), а во пресрет на Меѓународниот ден на човековите права (10 декември), во организација на ЦИВИЛ. Во временскиот период на одржување на Фестивалот, влегуваат и Меѓународниот ден на правата на лицата со посебни потреби (3 декември) и Меѓународниот ден на борбата против корупцијата (9 декември).
Конференцијата е дел од проектот „Европа е наш дом“, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Фестивалот на слободата е мултимедијален настан во рамките на проектот „Граѓански објектив“, поддржан од National Endowment for Democracy (САД), како и од Програмата Цивика Мобилитас, поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Конференцијата ќе биде емитувана во живо на Фејсбук страницата, како и YouTube видео каналот на ЦИВИЛ кој ги поканува медиумите и сите заинтересирани да ја следат и слободно да преземаат содржини кои произлегуваат од конференцијата.