Апасиев со „кратки нозе“ за обвинението кон браќата Масларковски, кандидати за советници од Левица

Лидерот на партијата „Левица“, Апасиев дезинформира дека споменатите лица, браќата од Пука Козметика, односно Жарко и Дарко Масларковски, „се гонат кривично – со обвинителен предлог – за извикување „Македонија“ на протест“, пишува Жарко Трајаноски во анализа за ЦивилМедиа.

 

На 13 октомври, во пост на Фејсбук Апасиев напиша.„Браќата-рапери ПУКА Козметика, кои се на нашата советничка листа во Аеродром, наместо за прекршок се гонат кривично – со обвинителен предлог – за извикување „Македонија“ на протест!?“.

Но ова тврдење не е точно. Тоа може да се види од самиот обвинителен предлог, кој го објавија самите браќа Масларковски на Фејсбук.

Во обвинителниот предлог, споменатите лица воопшто не се товарат „за извикување „Македонија“ на протест“, туку за кривично дело „Напад врз службено лице при вршење работа на безбедноста“. Во самиот документ, воопшто не се спомнува никакво „извикување „Македонија“ на протест“!

Оваа дезинформација објавена во финиш на изборната кампања има голема тежина, не само затоа што извира од лидер на партија и пратеник, туку и од професор по право, кој има стручни познавања да го толкува обвинителниот предлог кој самиот го споменува.

Деталите за овој случај во кој има дезинформации но и говор на омраза можете да ги прочитате на Цивилмедиа. Граѓаните треба да внимаваат на вакви објави, преку кои некои партиите и нивните лидери се обидуваат да ја измамат јавноста, особено ако доаѓаат од оние кои постојано употребуваат дезинформации, навреди па и говор на омраза кон нивните неистомисленици, за да остварат политички профит.

Петрит Сарачини