„Слободата, човековото достоинство, социјалната правда, безбедноста и недискриминација се суштински за одржување на економскиот и социјалниот развој и ефикасност на една земја. Кога ќе почнеме системски да ги решаваме проблемите, ќе имаме помалку проблеми и тогаш ќе зборуваме за позитивни работи. Херој на нашето општество ќе биде некој од нашето опкружување, а некој од некои далечни земји“, вели Љуљета Адеми, активистка и советничка во кабинетот на претседателот Пендаровски задолжена за односи со лицата со посебни потреби на панел дискусијата „Социјална правда и дискриминација: Премногу луѓе на маргините на општеството и политиката… До кога?“ во организација на ЦИВИЛ, која се одржа на 11 декември.
Таа сподели дека била жртва на семејно насилство и кога пријавила во полиција нејзината изјава „стоела во воздух“ и морала да бара врски за тоа што треба законски да и следи.
„Мојата изјава стоеше во воздух, морав да барам врски, за тоа што законски ми следи или треба како право да го уживам, кога требаше да побарам лично помош од тие што треба да ме заштитат, дојдоа двајца полицијци ми направија записник, и на крај се случи после 2 недели јас да добијам тужба за лажно пријавување“, истакна Адеми.
Таа додаде дека многу жени се обесхрабрени да пријават случај на родово базирано насилство без разлика на нивната националност.
„Не е идеално ништо, да не ја губиме и таа можност што последниве години сме повидливи ние како граѓани со посебни вештини, со тоа што сме присутни во институциите, далеку сме од тоа да сме политички сеопфатни, но присутни сме. За прв пат Претседателот назначи лице задолжена за односи со лицата со посебни потреби, не дека треба да има специјална комуникација, но да бидете присутни, тоа порано не било случај да има лице кое ги претставува тие права“, додаде таа.
Адеми додава дека со таквото присуство општеството учи и дека треба да ја имаме таа различност.
Таа вели дека дискриминацијата е насекаде околу нас, посочувајќи го примерот кога во еден елитен ресторан во Берово не сакаа да ги послужат бидејќи во групата имаше и еден Ром.
Д.М.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети