Проектот „Граѓански објектив“ ЦИВИЛ го спроведува веќе 4 години и можам да кажам дека тоа е проект кој на почетокот беше високо ризичен. Проектот започна во 2015 година во време кога многу малку можеше да се види во медиумите, па дури и на социјалните медиуми се спроведуваше многу сериозна контрола на она што се објавува. Овој проект го поддржа и сè уште го поддржува National Endowment for Democracy, американска организација која се залага за демократија и човековите права насекаде во светот“, со овие зборови Џабир Дерала, ЦИВИЛ, го отвори мултимедијалниот настан „Граѓаните за државата или државата за граѓаните!?“.
Поминувајќи низ успешните проектни активности за овие четири години, Дерала ја истакна политичката и општествената рамка во која се движи нашата држава, укажувајќи на значајноста и влијанието на граѓанското новинарство и темите што на еден брз, непосреден и објективен начин се обработуваат и дистрибуираат до јавноста и до надлежните органи.
„Ова е проект за одговорни и транспарентни политички процеси преку популаризација на граѓанското општество. Кога граѓанките новинарки и новинари ги следат состојбите во своите средини, тие снимаат, фотографираат, пишуваат, пријавуваат на нашата онлајн платформа и на тој начин придонесуваат кон транспарентноста на сите процеси. Она што ние како организација се обидуваме да го направиме е да придонесеме кон транспарентноста и на институциите, но и на сите структури, вклучувајќи ги политичките партии, општините, па и неформални граѓански иницијативи“, ијзави Дерала.
Транспарентноста не секогаш подразбира и одговорност, и како што објасни Дерала ние, граѓаните, немаме полза ако некој е транспарентен, а за своите дела не се чувстува одговорен. Лошите политики и практики на кои сме биле сведоци, како што вели Дерала, поминувале без некој да преземе одговорност за нив.
Дерала ги презентираше и темите на кои граѓанските новинари работеа и уште работат, почнувајќи од кршењето на човековите права и слободи. корупција, пријави на злоупотреба на јавни ресурси, пријава на изборни нерегуларности, говор на омраза, лажни вести, социјални проблеми, еколошки проблеми…
„Статистиката на проктот вели вака: 4 години, 28 семинари, 20 работилници, над 1500 прилози, 4 изборни процеси, над 950 акредитирани набљудувачи, над 1000 неакредитирани граѓански набљудувачи, 110 награди и над 1000 учеснички и учесници на семинари и работилници во рамките на „Граѓански објектив“, рече Дерала.
Преку презентацијата на онлајн платформата на ЦИВИЛ, Дерала ја прикажа можноста за секој граѓанин и граѓанка што со активно учество сакаат да придонесат до општествените промени, да ја искористат медиумската платформа како најбрз начин за запознавање на јавноста со сите состојби во општеството.
Биљана Јордановска (текст, фотографија, монтажа)
Камера: Атанас Петровски
This post is also available in: English