„За жал сведоци сме на продолжување на некои стари пракси и тешко се спроведуваат реформи во некои заробени институции. Државата, егзекутивната власт, мора да разбере дека се тука за граѓаните и никако поинаку. За мене најбитната алка е владеење на правото. Јас сум архитект, но мислам дека оваа потреба од владеење на правото се рефлектира во сите можни сфери во општеството“, изјави Мерита Максути, архитект и граѓанска активистка на панел дискусијата „Граѓаните за државата или државата за граѓаните!?“ во организација на ЦИВИЛ.
„Мислам дека државата не треба провизорно, туку суштински да се залага за реформи на сите нивоа. Во едно општество кое се стреми во едно општество за сите не може да ја дозирате правдата и пристапот до информации од една страна, затоа што тоа ви одговара за политички пазари. Ова го кажувам со најголем легитимитет и како припадничка на албанската нација сакам да кажам дека во албанскиот блок во моментот нема критична маса и критично размислување. Ако е и присутна, таа е незабележлива и автоцензурирана. За жал, луѓето се оддалечуваат, се апстрахираат и поинаку се чувствуваат. Реалноста е дека општеството е парцијализирано“, рече Максути.
Максути смета дека долгогодишната недоверба кон системот, селективната правда, непотизмот, нереформираното образование и политичкиот клиентелизам придонеле кон масовно иселување на младите.
„Како активистка за животна средина, повисока урбана култура и човековите права, сè повеќе се среќавам со луѓе кои буквално заминуваат од државата, не поради економски причини. Искрено, лично, се чувствувам како да ја слушам песната на U2 „Stuck in the Moment“, момент кој трае и трае… Не можам, а да не кажам дека се продолжува истиот тренд, каде граѓанинот е само реторика, а не и целта за општествената промена“, смета Максути.
Максути како главен проблем го гледа непостоењето на функционална демократија која ги затвора пред сè локалните власти кои никогаш не се спремни за конструктивна критика.
Биљана Јордановска (текст, монтажа и фотографија)
Камера: Атанас Петровски
This post is also available in: English