Професорката Јасна Бачовска на дебатата „Граѓаните за државата или државата за граѓаните“ зборуваше за зачетоците на граѓанското новинарство, за потребата од него во земји како Македонија, за демократијата и граѓанското учество.
„Концептот на граѓанското новинарство се појави во САД во осумдесеттите години кога не постоеја социјалните мрежи, и кога таа демократија во Америка западна во некоја криза. Тогаш се појавува граѓанското новинарство во една Америка во услови кога не постои јавен сервис. Па оттаму потекнува и тој концепт, таа идеја како и насловот на ова новинарство. Сега е многу благопријатно во вакви земји како што е Македонија, а за жал мојата земја е земја во којашто се бранат докторати за компетитивен авторитраризам, да видите вакви акции“, рече Бачовска.
Таа се надоврза на професорката Најчевска која смета дека демократијата во Македонија е бавна.
„Во мојата земја демократијата како воопшто да не се движи. 27 години никако да добиеме демократија. Демократијата не е оној формален момент. Денеска во современата политикологија не се мери дали имате поделба на власт. Поделбата на власта е формален критериум: извршна, судска, законодавна... Чувствата кај поединецот е она што се мери. За демократијата се битни три елементи: дали јас како граѓанин им верувам на институциите, дали го толерирам другиот и учеството на граѓаните во донесувањето на одлуките. Или тоа поинаку се нарекува политичка ефикасност – дали јас имам чувство дека одлучувам во ова општество“, истакна Бачовска.
Професорката Бачовска смета дека активизмот во оваа смисла може многу да помогне, но и дека истовремено активизмот е една од најтешките работи.
„Се работи за универзални човечки вредности, а европјаните ги нарекуваат европски вредности, без разлика дали е десница или левица. Зборуваме за универзални домаќински вредности на една држава и затоа мора да работиме и на конвенционалниот систем на образование. Од мали да ги учиме луѓето да бидат добри домаќини и каков однос треба да имаат кон државата и заедничките средства. Значи имаме многу работа“, заклучи таа.
текст и монтажа: Маја Ивановска
камера: Атанас Петровски
фотографија: Биљана Јордановска
This post is also available in: Albanian