Во рамките на ЦИВИЛ Фест се доделија уште шест нови награди за најуспешните стории од граѓански новинар(к)и кои изминатите два месеци ги испратија своите фото и видео-стории до редакцијата на ЦИВИЛ.
Четвртата награда ја доби граѓанската активистка Хазизе Јонузи за испратена фотографија од порака која ја добила на мобилниот телефон од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, каде ја повикуваат на протест и го очекуваат нејзиното присуство.
Хазизе ги охрабрува граѓанските новинари да бидат поактивни за да постигнат некаква промена во нивната околина, а особено ги охрабрува жените и девојките. Како што објасни Хазизе, менталитетот во Македонија треба да се промени, доколку сакаме да имаме светла иднина во ЕУ и НАТО.
Втората четврта награда ја доби граѓанскиот активист Бехар Мемиши за фотографија направена во општина Чаир, каде се фотографирани јакните кои чаирчан(к)и ги донираат за оние кои немаат.
Мемиши вели дека тоа е потег на хуманите граѓан(к)и да ја донираат својата стара облека за да може да ја земат тие што најмногу им треба.
Третата награда ја доби анонимна граѓанска новинарка, која испрати фотографија до ЦИВИЛ од голем куп отпад во еден подрум во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Ваквите фотографии на Клиничкиот центар во Скопје се секојдневие, за жал, на еден простор кој треба да им служи на граѓан(к)ите за здравје.
Втората награда е за видео-сторијата на анонимна граѓанска новинарка за протестите пред Собранието на Република Македонија. На видеото е прикажана блокираната улица на која наместо протеститрачи стојат празни шатори. Насловот на видеото е „Празни шатори протестираат пред Собрание“, како знак на револт од препреките со кои се соочуваат останатите граѓани во сообраќајот.
Првата награда беше доделена на екипата на ЦИВИЛ, за сторија која открива дека во населбата Баир во Битола, граѓаните го немаат основниот елемент за живот – вода. Наградата ја подигна Дехран Муратов, до кого и прв стигна оваа информација и веднаш со екипата на ЦИВИЛ замина во Битола за да ги запраша граѓаните како тие живеат и дали воопшто некој од локалната власт доаѓа да ги посети. ЦИВИЛ направи и интервју со градоначалничката на Општина Битола, која еден ден пред да дојде екипата на ЦИВИЛ во Битола, била во посета на Баир.
На ова доделување ЦИВИЛ додели и една специјална награда на наша соработничка која често испраќа фотографии и видеа за најразлични проблеми. Специјалната награда ја доби Симона Живкова, за видео од протестот во Штип по повод загубениот живот на еден тинејџер на улиците во Штип, каде протестираа другарите од училиштето. На булеварот „Гоце Делчев“ во Штип беше прегазен средношколецот и граѓанската новинарка Симона вели дека ова не е единствената сообраќајка што се случила на тоа место.
ЦИВИЛ и понатаму ги охрабрува граѓан(к)ите да снимаат и фотографираат проблеми во нивната околина, да поставуваат прашања до институциите и да добиваат одговори!
А. Петровска