„Две поголеми бари од кои што вода пијат градските улични кучиња и коишто се потенцијален извор на инфекции се создаваат во центарот на Прилеп и при најмали врнежи од дожд, на раскрсницата од улиците ‘Димо Наредникот’ и ‘Андон Слабејко’“, се пожалија жители од прилепската населба „Димо Наредникот“. Веста за нивната реакција во која бараат решение за проблемот, до редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, ја испрати граѓански новинар кој сака да остане анонимен.
Граѓан(к)ите реагираат, зашто, како што велат, „Димо Наредникот“ е градска населба, една од најстарите во Прилеп, и недозволиво е да се соочуваат со ваков проблем.
„Се шири непријатен мирис, се собираат инсекти, а децата играат во близина. Од другата страна се наоѓа градската река, сите пообилни дождови го полнат речното корито над дозволени граници, така што во летната сезона, што е на прагот, не е исклучена појава на зголемен број инсекти, а со тоа и опасноста од инфекции“, забележуваат прилепчаните кои се обратија до ЦИВИЛ..
Велат дека многу пати реагирале и кај работниците што ја реконструирале улицата „Димо Наредникот“, но без успех.
„Ова е централно градско подрачје и невозможно е овој урбан проблем да не го забележале и надлежните од Општина Прилеп. Но, никој не презема мерки. На овој реон почнаа да се собираат уличните кучиња и од барите пијат вода. Ќе почнат и жаби да виреат! А, друг проблем е што не можеме ниту од зграда да излеземе од кал, до влезот на зградата просторот е целиот во кал и нечистотија. Возилата не можеме да ги паркираме како што треба. Како да живееме во село без асфатирани патишта, а не во центарот на градот. А, даноците што ни ги наплаќаат и трошоците за комуналии, не се на ниво на рурална средина“, велат револтираните жители од зградите на улиците „Андон Слабејко“ и „Димо Наредникот“ од Прилеп.
This post is also available in: Albanian