ЦИВИЛ – Центар за слобoда до сега обезбеди бесплатни семинари за граѓанско новинарство на 262 граѓанки и граѓани од целата земја, а додели 55 награди за прилози на граѓанските новинарки и новинари во проектот Граѓански објектив. Третиот регионален семинар за граѓанско новинарство за оваа година ќе се одржи во Струмица на 18 и 19 февруари, во хотел Есперанто.
Со возбудлива програма и многу практична работа, овој семинар ќе биде осми по ред, од почетокот на овој проект во октомври 2015 и кој ќе трае до крајот на 2017 година. Останува само уште еден ден за аплицирање на семинарот.
Пријавувањето не може да биде поедноставно! Пополнувањето на онлајн апликацијата трае само неколку минути, а знаењата кои ќе ги добиете на семинарот ќе ви траат цел живот! Кликнете ТУКА за пристап до апликацијата за учество на семинарот.
Важна напомена: Право на учество на овој регионален семинар имаат сите полнолетни граѓанки и граѓани од општините Струмица, Валандово, Гевгелија, Дојран, Ново Село, Босилово, Василево, Конче и Демир Капија.
Во меѓувреме, кликнете лајк на Фејсбук страницата за граѓански новинарки и новинари, но и на ЦИВИЛ Македонија, а можете бесплатно да ја преземете и публикацијата Ние сме медиумите! од веб страницата Граѓански објектив, посветена на граѓанското новинарство.
Основна цел на проектот Граѓански објектив е да се придонесе кон транспарентни и одговорни политички процеси, да се зајакне јавната свест за политиките и практиките поврзани со човековите права, гласачкото право и политичките процеси и да се алармира домашната и меѓународната јавност за измамничките практики во изборните процеси и воопшто.
Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.
Во спрега со новите технологии и интернетот, граѓанското новинарство ги промени медиумите, а со тоа и светот. Кој не може и не сака да прифати дека медиумите се променети од корен и дека денес секој може да биде граѓански-а новинар-ка, тогаш подобро да се подготви за пензија. Во медиумскиот хипер простор не остана место за арогантните, самопрогласени величини кои за себе тврдат дека сѐ уште се единствените кои релевантно се занимаваат со фактите. Свесни и активни граѓанки и граѓани можат да истражуваат и да известуваат за настаните и темите кои ја засегнуваат нивната заедница и општеството во целост.
Проектот „Граѓански објектив“ го овозможува тој простор, граѓанските новинарки и новинари да известуваат и објавуваат без страв и без стеги. Нивните снимки можеби не се толку јасни и квалитетни, но затоа се директни и ја претставуваат реалноста без посредници. ЦИВИЛ ја отвори можноста тие безбедно и со наша поддршка да објавуваат стории без цензура. Ги охрабруваме сите засегнати граѓанки и граѓани да известуваат без страв и без обврска некому да му направат услуга. Тој принцип, заедно со извикот „Ние сме медиумите!“ отвори нова страница во медиумите и во активизмот во земјава.
Џабир Дерала, „Ние сме медиумите“, Скопје, 2016