Со граѓански притисок, безбеден сообраќај до Кнежино

Жителите на кичевско Кнежино, засега безбедно може да минуваат по локалниот пат за Кичево. Градежната фирма „Гранит“ под притисок на Општина Кичево итно интервенираше, го прошири патот на најкритичните точки каде што свлечиштето однесе повеќе од половина од оваа локална делница, по последните поплави кон крајот на минатиот месец. Оваа интервенција, доаѓа по прилогот на граѓанскиот новинар, соработник на ЦИВИЛ, којшто го лоцираше проблемот, пренесувајќи ги и реакциите на мештаните.

Кнежино

Кнежино

„Веднаш по објавениот текст, преземени се конкретни чекори на теренот. Патот е проширен на две места,покриен со тампон, со што е избегнат ризикот 50-ина жители на селото Кнежино да бидат отсечени од цивилизацијата. Свлечиштето и натаму останува. Тоа е проблем за којшто Општината и државата мора да најдат решение, кое нема да се пролонгира до бескрај“, информира за ЦИВИЛ Медиа, овој пат граѓанскиот новинар од Кичево.

ЦИВИЛ Медиа побара и овој пат одговор од Општина Кичево, кога конечно ќе се реши проблемот. Надлежните во Општината потврдуваат дека по граѓанската реакција и написот во ЦИВИЛ Медиа, надлежните од Министерството за транспорт и врски итно интервенирале.

„Овој е проблем со којшто жителите на с. Кнежино и сите ние како Општина се соочуваме, од почетокот на изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Тогаш прв пат се појави свлечиштето, како последица на градежните активности на автопатот. Изминативе две години,иако побаравме помош за санација, не беа преземени конкретни мерки. Одговорот беше дека експерти од Градежен факултет, ќе подготват трајно решение. Ама, во меѓувреме, а особено по последните силни поројни дождови, состојбата стана алармантна. Свлечиштето однесе половина од патот и веќе немаше време за чекање. Со вашиот медиумски и притисокот на Општина Кичево, дојдовме сите до времено решение. Но, основниот проблем не е решен“, вели Рамиз Реџепи командир на кичевскиот Штаб за интервенција во кризни состојби.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Александар Стојанов, минатата недела беше дециден, дека се додека не се дојде до стручно, техничко решение, што ќе значи отворање нова траса или санација на постоечката, нема да се работи на терен.

Како и да е, останува обврската на ЈП за државни патишта и на Министерството што поскоро трајно да го санираат свлечиштето.

Другата страна на проблемот, го отвора прашањето и за досегашната стручност во изведбата на автопатот Кичево - Охрид. Зашто, свлечиштето е всушност нуспојава од изградбата на оваа делница, која што чини околу 370 милиони евра и е еден од капиталните инфраструктурни проекти на оваа влада.

Трошоците за санација на свлечиштето или за изградба на нова траса како сообраќаен „бајпас“, ќе бидат нов товар за државниот буџет. Според тоа, кој ќе ја сноси одговорноста?!