Кога политичарите поразот (или победата, сеедно) ќе го претворат во единствената смисла во занимавањето со политиката, тогаш и општеството се турка до самите рабови на својата издржливост, а конфронтацијата се претвора во хронична колективна психо-патологија
САШО ОРДАНОСКИ
Во политиката, нормално, никој (и никаде) не сака да губи. Малкумина се оние кои тоа знаат да го направат со стил. Во историјата се памети Адлај Стивенсон, претседателскиот противкандидат на Ајзенхауер во 1952 година кој, по изгубените избори, својот губитнички говор го започна со зборовите: „Она што нѐ обединува како Американци е многу поголемо од она што нѐ дели како политички партии. Ве повикувам сите да му ја дадете на Генерал Ајзенхауер поддршката што ќе му треба за да ги спроведе големите задачи што се исправаат пред него. Јас му ја давам мојата.“
Од поразите може да се научи повеќе отколку од победите. Оние коишто не знаат да губат изгледаат како уште поголеми лузери отколку што тоа ги прави самиот политички пораз. Да се изгуби политичка битка со зачувување на своето и на достоинството на противникот е акт не само на карактерна големина, туку и доказ за чувство за емпатија, солидарност и одговорност толку неопходни за негување на деликатната текстура во поделените општества, какво што е македонското. Дополнително што добро научените лекции од поразите не се само вредни поуки за лично пребродување на загубата, туку и добар влог за идни победи.
Кога политичарите поразот (или победата, сеедно) ќе го претворат во единствената смисла во занимавањето со политиката, тогаш и општеството се турка до самите рабови на својата издржливост, а конфронтацијата се претвора во хронична колективна психо-патологија. Речникот се претвора во навреди, пцовки и закани, противникот е омразен непријател кој треба да се елиминира, да се сотре, а не да се надигра. Глутниците кучиња се одврзани и пуштени од синџир по социјалните и другите медиумски мрежи. Разни пропалитети се надвикуваат за да привлечат внимание.
Тоа е состојбата на духот на нацијата што нам сега ни се случува. Во демократијата, прашањето за тоа каков губитник ќе бидеш е прашање на избор, а не на принуда. Истото важи и за победниците.
Големата грешка на опозицијата, особено на ВМРО-ДПМНЕ, по добриот победнички резултат на локалните избори, е што непотребно избрза да го промени теренот за натпревар (стратегија што, обично, е резервирана за оние кои ќе загубат): наместо политички да капитализира на големиот број градоначалнички и советнички места низ општините, еуфорично посака локалната победа набрзина да ја претвори и во национална – и маестрално се пресмета, потценувајќи ја силината на противникот. По еден драматичен след на околности – во кој беа вовлечени и заради фер признанието на поразот и честитките за победата од страна на Заев и најавите за неговите оставки – власта не само што не ја турнаа, туку победата ја претворија во пораз. А сега тешко го поднесуваат тој пораз и, заради тоа, се на добар пат од привремен, да го претворат во потраен.
Таа нестрпливост и брзоплетост веројатно доаѓа и како логична последица од овдешното општо разбирање на политиката во кое поразите и победите се третираат како дел од еден концепт за временски ограничен натпревар „по секоја цена“, во кој победникот, сега и веднаш, зема сѐ (а губитникот губи сѐ), наместо како игра со „отворен крај“ во кој победите не се трка по моментни трофеи (инстантни статусни промени, милионски тендери, партиски вработувања, лични одмазди и сл.), туку прашање на градење визија и развивање мисија, односно нови вредности на подолг рок. Тоа е еминентно културолошко, филозофско прашање со кое нашите политички лидери со технички или бизнис-менаџмент квалификации отсекогаш тешко се снаоѓале.
Сега е иницијативата повторно „во нозете“ на власта. И во тоа шарено друштво поимањето на лекциите од политичките победи и порази е најчесто со краткорочен ефект. Веќе од денеска ќе се види што мисли Заев и коалициските другарчиња да прават со преостанатиот двеиполгодишен мандат во Владата: ќе менуваат ли нешто, суштински, на подобро или ќе останат само во „мртвата трка“ на краткорочни победи во „фото финиши“ со опозицијата во која и сега, само за гради, излегоа победници?