Партиската машинеријата за жирење на лажни вести и дезинформации пуштена на најјако. Пред неколку дена избила масовна тепачка пред угостителски објект во Центар Жупа помеѓу две групи на гости, поради меѓусебни недоразбирања, меѓутоа на социјалните мрежи се споделува видеото од тепачката дека наводно е поради сертификатите за вакцинација, односно поради „рестрикциите на Венко“.
Видеото со лажната вест ја сподели Твитер профилот ‘903@NebesenMir со коментар „Дебар вечерва. Газдата инсистирал сите без сертификати да ја напуштат терасата на локалот“.
Потоа тоа видео оркестрирано го споделиле околу 50 Твитер профили, меѓу кои и Јанко Илковски (јади бурек), Чиз, Марга итн…
Дел од коментарите се со говор на омраза кон албанската етничка заедница.
Извесен Александар Видиски го објавил видеото на Фејсбук со порака „Рестрикциите на Венко! Видеото превземено од Твитер. Еве што се случува, додека тој си се шета слободно! Ова е во Дебар!“.
Видеото има над 380 споделувања и неколку коментари.
Таа дезинформација од социјалните мрежи ја презедоа порталите „Лидер“, „Република“, „Нетпрес“, „Прес24“, „Маркукуле“, „24инфо“ итн., и ја пласираа на нивните портали како вистинска вест дека тепачката настана поради „мерките на Филипче“.
Покрај тие што ја споделуваа оваа лажна вест имаше и мал број на твитерџии кои објавија дека се работи за лажна вест.
Според билтенот на МВР, настанот се случил на 19.08. околу 22.00 часот, кога пред угостителски објект во Центар Жупа, нарушен бил јавниот ред и мир со физичка пpecметка помеѓу Б.А.(3) , З.А.(35), Ш.Л.(26) и Б.К.(30), сите од Дебар, од една страна и О.Д.(32), Ш.Д.(33), О.Д. (18) и Е.Д.(19), сите од селото Голем Папрадник, општина Центар Жупа, од друга страна.
Ваквите лажни вести и дезинформации имаат за цел да ја дестабилизираат државата. Зад ваквите лажни објави кои поттикнуваат насилсво, наводно за рестриктивните мерки, најчесто се кријат партиски војници и ботови кои имаат за цел да ја срушат актуелната власт.
За жал, институциите со години молчат и на тој начин, ненамерно, ги охрабруваат креаторите на црната пропаганда да продолжат со поткопување на демократијата. ЦИВИЛ ги повикува надлежните институции да преземат мерки и да ги санкционираат тие што шират дезинформации. Неказнивоста во која уживаат членови и симпатизери на политички партии, новинари и јавни личности кои секојдневно шират црна пропаганда, мора да запре!
Мониторинг тим на ЦИВИЛ