„Јас како припадничка на бошњачката заедница си имам една своја перспектива, но сепак како активистка за човекови права сакам да ја гледам пошироката слика каде што живееме и да зборуваме во името на сите други граѓани кои немаат свои претставници тука“ истакна активистката Мерсиха Смаиловиќ, на панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Еднаквост, недискриминација и мултикултурализам во Северна Македонија: Состојби, предизвици и перспективи“.
Ние веќе година и пол живееме во состојба на пандемија каде што многу неприлики и проблематики излегоа на површина. Но она што јас сакам да го извлечам од оваа состојба, и она што е вашиот панел е еднаквоста. Во состојбава на пандемија сите бевме еднакви, сите бевме дома затворени, сите ги имавме истите стравови, сите имавме недостапност до заштита, вакцини, сите имавме недостапност до некои основни потреби и неможности. Така да, јас сакам на таа состојба да гледам нешто позитивно да извлечам, не вирусот, туку позитивна прилика од сето тоа. А тоа е, мислам како заедница, еднаквоста ја истакнавме како примат, посебно и моментот на хуманитарната поддршка каде што бројни организации, бројни луѓе донираа за секое едно семејство да не почувствува било каква последица од економската криза која ја предизвика пандемијата. Но ако видиме како состојбата се одвива, ете и бројките кои ги спомна директорот всушност кажано во една заедничка или крајна реченица е дека никој не е доволно застапен.
Во процентите сите сме застапени дури и половина, некои дури и помалку од половина како што е Ромската заедница. Тоа е најкласичен пример. И државата треба да направи напори за афирмативни мерки за вклучување на помалку бројните заедници во државните институции. Зошто барам од државните институции? Јас сум приватен сектор од кој се финансира буџетот на Република Северна Македонија, кој што треба да биде сервис и слика на општеството во кое што живееме. Ако мојот народ не е доволно застапен, тоа значи дека државата нема еднаков третман кон сите заедници, и мора да најде напори и да најде начин помеѓу афирмативни мерки за вклучување и да ги исклучи дискриминаторните практики, како што е балансерот.
Во моментот имаме една алатка која кажува кој смее да вработи. И вчера беше објавен оглас во Секретаријатот за европски прашања, и сега вие ако сте магистер по евро интеграции и сакате својата држава да влезе во Европската Унија и имате доволно знаење, не можете да аплицирате на околу шест или седум работни позиции бидејќи се наменети за Македонци, Албанци и Турци. Значи другите заедници се исклучени, а сите заедно сме адекватно образовани и можеме, значи ние не бараме необразованост, ние бараме образованост, тоа го имаме, бараме вклучување.
И состојбата можам да кажам дека, не можам да кажам дека се влошува или подобрува, едноставно не се менува. И тоа што можеби уште повеќе ви пречи е да за балансерот зборуваме осум-девет години, а балансерот не се менува. Таа практика на дискриминација продолжува. Велат немаме друго решение. Тоа испадна алатка за манипулација. Луѓето ги менуваат своите етнички заедници за да влезат. Значи државата толерира недискриминација и манипулација за една етничка заедница биде вклучена во државниот апарат. И тоа е нешто што дефинитивно мора да се смени.
Често се спомнува зборот идентитет и секој од нас има неколку елементи што го сочинуваат тој идентитет. Секој од нас на почетокот на панелот кажа на која заедница припаѓа. Нашите борби се и внатре во нашата заедница, каде што сакаме нашата да просперира, како што кажавме сакаме да одиме напред.
Она што е вредно за оваа дискусија денеска е да кажеме е дека конечно се формира комисија за спречување и заштита од дискриминација, Собранието ја формираше и моментално брои шест члена и повторно има оглас за уште еден. И самата комисија која што треба да биде врвот на спречување на заштита од дискриминација не ги исполнува сите сегменти. Имаме само една жена моментално, другите се мажи и ги немаме вклучено сите заедници. Комисијата која треба да биде на врвот на што значи вклученост, во суштина, во старт има одредени проблеми.
Но во однос на мојата заедница, она што не го гледаме е дека за жал во Македонија креирањето на политиките доаѓа од политичките партии. Вклучувањето во политичкиот живот или во државните структури доаѓа од политичките партии. Вклучувањето на жената бошњакиња во политичките партии е никаква. Ние немаме на некоја водечка позиција на политичките партии жена, и да има жена на таа не и е допуштено да се истакне. Кога беа пред изборните кампањи на бошњачките партии, тоа беше само присуство на мажи кои одат и ги претставуваат политиките на бошњачката заедница во која што дошле да слушаат само мажи, само мажи претставуваат. Значи вклучувањето на жените, тие воопшто немаат ни прилика нити се повикани, а климата во која функционира таа политичка партија воопшто не е демократска и инклузивна каде што состаноците се одвиваат во вечерните часови, во кафани или на некакви места, каде што вие воопшто не се ни чувствувате комотно да допринесете нешто.
Така да ако зборуваме за мојата заедница и она што таа го прави, дискриминацијата е јасна врз жените. Тука е и образованието со кое што се соочува како проблем бошњачката заедница, го имаме правото да учиме на Босански јазик, имаме училишта во кои има босански јазик, но се случува да Бошњаците не сакаат да го искористат тоа право да учат на свој мајчин јазик кој е многу сличен со македонскиот и нема да влијае на вашиот понатамошен развој. Но во однос на сите останати прашања кои ги развивме тука, јасно е дека најголем антибиотик е заедништвото, заедно на настапиме и заедно да се бориме. Значи ако јас говорам дека секој има право на вакцина и да се пријави.
Лицата без државјанство не можат ни да се пријават на сајтот на вакцинација.мк бидејќи треба да внесеш матичен број и да избереш на кој пункт сакаш да се вакцинираш. Тие немаат ни адреса ни матични броеви и тоа често го спомнувам како проблем. И мислам дека кога би зборувале во името на сите заедници, на сите маргинализирани групи, на секоја дискриминација, бидејќи дискриминацијата е слабост на еден државен орган, и сега можеби со факти и докази дека Ромите се нај дискриминирани, и ако ние молчиме на тоа, утре тој државен апарат ќе ги дискриминира сите други заедници коишто се помалку ранливи или во тој момент, бегалците, мигрантите, Бошњаците, Турците, значи сметам дека антибиотикот за борбата со дискриминацијата е да реагираме на секоја неправда и подеднакво да реагираме на секоја дискриминација. А секако дека во своите заедници го имаме најдобриот пристап бидејќи доаѓаме и сме од таа заедница и можеме најреално да им кажеме дека тоа што вие го кажавте е класична форма на дискриминација и помалку егото боли кога е директно од својата заедница. И мислам дека ја имаме обврската со својата заедница пред се, а потоа и да се бориме со сите форми на дискриминација.
Ирена Крџиќ
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Биљана Јордановска