„Уште во стратешкиот одбранбен преглед којшто го носевме пред членството во НАТО како подготовка на домашните реформи, кажавме дека главните ризици се помалку конвенционални, а многу повеќе хибридни и дека капацитетите за справување со овие ризици мора да бидат помобилни и пофлексибилни и да одговараат на тие нови предизвици. НАТО како Сојуз вели вака: „Mора да се подготвуваш и за конвенционалниот ризик и да градиш капацитети, но мора да се подготвуваш и за новите како што е сајбер, хибридни закани“, вели министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на прашањето на ЦИВИЛ – Кои се безбедносните ризици со кои се соочува светот а со тоа и Сверена Македонија, и како нашата држава, САД и НАТО ќе се справат со хибридните напади?
„Ние како држава мора да си ја гарантираме и сопствената безбедност, но како членка на НАТО сме дел од таа колективна одбрана, користиме ресурси на други држави, но и ние треба да придонесуваме. Од 2022 година ние воглавно ќе придонесуваме согласно побарувањата на НАТО и одбранбените способности кои од нас ги очекуваат ќе придонесуваме со конвенционални сили, меѓутоа се разбира дека ги градиме капацитетите за овие нови хибридни и сајбер закани.
Минатата недела го потпишавем меморандумот за разбирање со НАТО околу помошта на Северна Македонија во справување со сајбер предизвиците. Сакам да им се заблагодарам на САД кои уште од 2018 година испраќаат тимови кои ни помагаат да ги градиме овие капацитети, бидејќи ова не се капацитети кои се градат преку ноќ или кои се градат лесно. И НАТО е постојано во потрага по дополнителни ресурси, особено човечки ресурси, за да ги насочи кон овие прашања.
Ние како мала држава со скромни ресурси, акцентот го ставаме да учиме од подобрите, затоа на овие теми соработуваме со САД и ЕУ, а сега ја засилуваме поддршката на НАТО. Тоа е предноста на членство во Сојуз, може да ги развиваш своите капацитети со помош на нивните“, рече Шекеринска.
Амбасадорката на САД, Кејт Брнз истакна дека иако САД и Северна Македонија во однос на големината се различни, сепак имаат заеднички проблем, а тоа е сајбер безбедноста.
„Многу е добро тоа што сме дел од еден сојуз и заедно да се справиме со ваквите предизвици. Минатата недела амбасадорката беше дел од НАТО министерскиот состанок каде што имаше можност да разговара со секретарот за одбрана на САД во однос на справувањето на идните предизвици и ми претставува задоволство што дури и денес работиме во справување со тие предизвици“, истакна Брнз.
Ирена Крџиќ
текст и камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети