На прашањето на ЦИВИЛ поставено на официјалната Фејсбук страница на организацијата – Дали ќе се вакцинирате против Ковид-19?, одговориле над седумстотини граѓан(к)и. Поголемиот дел од одговорите на граѓан(к)ите е дека ќе се вакцинираат против Ковид-19 за да се заштитат и себе и останатите граѓан(к)и и да се вратат во нормалниот живот, да шетаат без маски, да одат на одмор, журки, да патуваат надвор од државата…
Дел од граѓаните нема да се вакцинираат, бидејќи не веруваат во квалитетот на вакцините. „Кој ќе се вакцинира е ретардиран, кукавица и слуга на политичарите, така да, вакцина никако, мене болест не ме фаќа, јас самиот сум болест“, пишува Александар Димитровски.
Неколку граѓани одговориле дека само во Господ веруваат, односно не веруваат дека постои Ковид-19.
Има и такви што коментираат по директива на одредени центри. Не е битна темата и прашањето, важно е да напишат нешто против Сорос, власта, да плукаат врз ЦИВИЛ… Профилот „Сони Галерија Куманово“ пишува дека „пандемијата е измилена со цел намалување на светската популација“, пришто Љупчо Леов ми реплицира: „Не се секирај ти, фирми не вакцинираат, само луѓе“.
Неколку профили постојано им реплицираат на тие кои се „ЗА“ вакцината и ги убедуваат да не ја примат. На пример, профилот Драган Мацедониа Боцевски нема никакви информации на неговиот Фејсбук профил, кој е, што е, што работи, од каде е, која е неговата професија, бидејќи очигледно со неговото „експертско познавање“ има задача да создава забуна, недоверба, несигурност меѓу граѓаните, односно да ги убедува дека вакцината е лоша и дека „ЦИВИЛ се збогатува преку ова анкетно прашање“.
Мониторин тимот на ЦИВИЛ веќе подолго време објавува за ваквите лажни профили (зад кои се кријат најчесто луѓе од одредена политичка партија) кои имаат за цел меѓу граѓаните да создадат несигурност и недоверба во системот, институциите, вакцините, па дури и во ЦИВИЛ…
ЦИВИЛ ќе продолжи да прашува и да ги објавува ставовите и мислењата на граѓан(к)ите и да ги разобличува ширачите на лажни вести и дезинформации.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ