Според набљудувачите на ЦИВИЛ од општина Пласница, сите 8 избирачки места се отворени на време. До 10:45 часот не се забележани нерегуларности во спроведувањето на изборните активности во оваа општина. Еден од нашите набљудувачи изрази позитивно изненадување со високот ниво на почитување на здравствените протоколи за заштита од коронавирусот.
Што се однесува до гласањето во општина Штип, каде што имаме 77 ИМ, исто така, се бележи мирен и регуларен почеток на изборниот ден. Повеќе од 30 избирачки места (околу 50%) кои ги посетија набљудувачите на ЦИВИЛ во 7 часот, отвориле на време.
Избирачките одбори се погрижија да ги отстранат графитите од ѕидовите на избирачките места 2288 во населбата „Три Чешми“, како и на ИМ 2281 во населба „Македонка“, ПОУ „Тошо Арсов“.
На социјалните мрежи трае кампањата за поддршка на одделни кандидати за градоначалник. Во кампањата се вклучени симпатизери и партиски членови, но и партиски функционери.
ЦИВИЛ апелира до сите граѓанки и граѓани, а особено до политичките партии, да се воздржат од агитирање за време на изборниот молк, бидејќи тоа е спротивно на Изборниот законик и на добрите изборни практики. Сосема е коректно ако се повикува да се искористи правото на глас, но неприфатливо е агитирање во корист на било кој од кандидатите.
Во текот на изминатите 24 часа, мониторингот на ЦИВИЛ бележи грубо кршење на изборниот молк со црна пропаганда и повици на бојкот на гласањето во Штип.
Во населбата „Македонка“ во непосредна близина на избирачкото место 2281 во ПОУ „Тошо Арсов“ минатата ноќ се расфрлани флаери со црна пропагандна содржина и пораки за бојкотирање на изборите.
Во близина на градинката „Астибо – сончогледи“, на ИМ 2250, 2250/1 е забележено групирање на лица кои евидентираат кој доаѓа на гласање.
Пред училиштето „Вера Циривири – Трена“, на избирачките места 2249, 2249/1 2250, 2250/1, се забележани партиски возила кои се брендирани со плакати на еден кандидат за градоначалник.
Се бележи дека дел од гласачите не ги почитуваат здравствените протоколи во целост, односно не се дезинфицираат при влез или излез од избирачкото место 2251 во ОУ „Димитар Влахов“.
Исто така, на неколку места се бележи и дека дел од членовите на избирачките одбори не ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.
ЦИВИЛ апелира на максимално придржување кон здравствените протоколи и потсетува дека обврска на избирачките одбори е да се грижат и за почитување на мерките.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ