Прес на ЦИВИЛ во 13 часот: Во Штип, членови на ИО на глас ги читаат имињата и адресите на гласачите, графити за бојкот на изборите

„Оваа прес конференција ќе ја започнеме со повторување на повикот до политичките партии да се воздржат од кршење на изборниот молк,“ – изјави првиот човек на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, на пресот во 13 часот за изборниот процес во Штип и Пласница.
Набљудувачите на ЦИВИЛ јавуваат за сведоштва дека во текот на изминатите 24 часа, како и во текот на денешниот ден, имало повеќе случаи на притисоци и закани врз гласачите да не гласаат. Набљудувачите, исто така, доставија и примероци од флаери со содржини преку кои се врши црна пропаганда и се повикува на бојкот на изборниот процес.

Исто така, и понатаму се нотираат случаи на кршење на изборниот молк преку агитирање на социјалните мрежи.

Во бележникот на набљудувачите на ЦИВИЛ се наведуваат и случаи во неколку други категории.

Така, на ИМ 2252 во ОУ. „Димитар Влахов“, членовите на избирачкиот одбор не знаеја како се користи лед ламбата и цело време го користеа обичното светло. По укажувањето од набљудувач на ЦИВИЛ, ИО се коригирал.

Се бележи групирање на партиски активисти во близина на повеќе избирачки места низ Штип.

Во непосредна близина меѓу гимназија „Славчо Стојменоски“ и ООУ „Ванчо Прке“, во кои се наоѓаат ИМ 2292 и 2272 регистриран е графити со слоганот „Бојкотирам корона избори“.

Во ОУ Тошо Арсов, на ИМ 2257, член на избирачкиот одбор ги чита на глас имиња на гласачи како и нивните адреси на живеење.

ЦИВИЛ на пресот во 11 часот објави дека во Штип се расфрлени флаери за бојкот на изборите, брендирани партиски возила пред гласачко место, агитирање на социјалните мрежи, додека во Пласница е мирно.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ