Осумдесет и шест отсто од луѓето биле изложени на лажни вести, а девет од десет испитаници на прв поглед поверувале дека веста е точна, покажала анкета во 25 земји спроведена од меѓународната агенција Ипсос. Како дел од подготовките пред можен втор бран на пандемијата на КОВИД-19 на есен, НАТО објави пет совети за откривање лажни вести и дезинформации:
– Проверете го изворот: кој ја објавил и споделил информацијата? Страница која не го објавила импресумот, односно имињата на уредниците и новинарите, не е веродостојна. На социјалните медиуми, проверете го името на објавувачот. Ако има случајно избрани букви или бројки, можеби е „бот“. Ако објавува стотина содржини на ден, треба да се вклучи алармот.
– Проверете го „тонот“ на веста: често, дезинформациите се осмислени за да предизвикаат емоционална реакција, како страв или гнев.
– Проверете ја приказната: вистинските вести обично се пренесени од повеќе од еден медиум. Ако големите медиуми не се „фатиле“ за приказната, има добри шанси да не може да биде потврдена. Вреди да се проверат страниците за проверка на факти, кои можеби веќе ја провериле вистинитоста на наводите.
– Проверете ги фотографиите: дали фотографијата го покажува тоа што се тврди? Многу интернет платформи овозможуваат пребарување каде сè одредена фотографија се појавува на интернет, а со онлајн алатки може да се провери дали била обработена.
– Проверете ја наклонетоста: сите истражувања потврдуваат дека луѓето многу потешко препознаваат дезинформација ако се вклопува во нивните верувања и убедувања. Размислете дали нешто ќе споделите затоа што знаете дека е точно или затоа што се согласувате со тврдењето.
Дезинформациите и лажните вести за пандемијата беа тема на два состанока на сојузничките министри за одбрана, во април и во јуни.
– Со децении се соочуваме со предизвиците на дезинформациите, пропагандата и погрешните информации, но тие се особено опасни за време на кризата со КОВИД-19. Дезинформациите од државни и од недржавни актери целат кон поделба на сојузниците, поткопување на довербата во демократските институции и да ги претстават авторитарните режими како подобри во справување со здравствената криза. Истовремено, претставуваат и ризик за јавноста преку поткопување на виталните пораки на јавното здравство – објави Алијансата.
Веднаш по завршувањето на априлскиот состанок, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја истакна Македонија како пример за спротивставување на дезинформациите.
– НАТО ги гледа кредибилните комуникации засновани на факти како најдобар начин за спречување на дезинформациите. Тоа верување е засновано и на темелните вредности на Алијансата – демократијата, слободата на говорот и владеењето на правото – нагласи генералниот секретар.
извор МЕТА