Пред точно пет години, на 17 мај 2015 година во Скопје се одржа најголемиот граѓански протест против режимот на Никола Груевски. Според проценките на странските медиуми, на протестот излегоа меѓу 70 и 100 илјади граѓанки и граѓани. Со слоганот #Доаѓаме! граѓаните најавија жестока борба за слобода и демократија, а единствениот начин за ослободување на државата од режимот беше тој да падне.
ЦИВИЛ како организација за човекови права беше дел од иницијативата „Граѓаните за Македонија“. На бината пред огромниот број граѓанки и граѓани говореа активисти за човекови права, меѓу кои и претседателот на организацијата, Џабир Дерала, долгогодишниот член Петрит Сарачини, колумнистката на ЦИВИЛ Медиа, проф. Мирјана Најчевска. На протестот беа забележани многу знамиња и транспаренти, но ниедно обележје на политичките партии.
„Денеска дојдовме по нашата слобода! Патеката е јасна: оставка, праведно судење, конфискација и затвор“, порача Дерала од говорницата пред демонстрантите.
По протестот, неколку илјади демонстранти остана пред владата и го започнаа Кампот на слободата, кој функционираше шеесет дена, но борбата со режимот на Груевски продолжи понатаму.
И денеска, пет години подоцна ЦИВИЛ и понатаму останува на фронтот и бескомпромисно се бори за слободно и демократско општество. Во меѓувреме, се смени власта, но најодговорните за децениските криминали сѐ уште не ги стигна правдата. Груевски доби статус на азилант во Будимпешта, па дури и право на глас, а дел од криминалците се повторно на власт користејќи ја техничката влада, но и одложувајќи ја одлуката за датумот за избори.
ВМРО-ДПМНЕ иако формално има нов претседател, влијанието на Груевски е пресудно и се чувствува дури и од далечина.
Остануваме посветени на нашата борба до крај!
ЦИВИЛ Тим за комуникации
This post is also available in: English