пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Никој со сигурност не може да каже колку пари се вртат во креирањето и ширењето на црните кампањи. Но познато е дека се работи за милионски суми и познати се центрите од кои произлегуваат вештините, искуството, тренингот, насоките…
Кампањите за дезинформации се ефективни и предизвикуваат долгорочни последици. Без нив, далеку помал ќе биде ефектот од секојдневните блокади на Парламентот за стопирање на правдата и одот кон Европа.
Одговарајќи на новинарско прашање пред некој ден, премиерот Заев многу пластично ја опиша состојбата со лажните вести, преку примерите како му почнала работната недела. Прво ја спомна лажната вест за здравствениот систем со наводната објава од д-р Докиќ, па дека тројца министри се вакцинирале преку ред, а веднаш потоа и дека се попишувале иселеници без македонско државјанство. Лажни вести во серија, на самиот почеток на работната недела.
Ако само малку повнимателно се загледа човек, најмалку по пет-шест лажни вести и пропагандни содржини дневно се „продаваат“ како вести во медиумите и социјалните мрежи. Секој ден, од утро до полноќ, а понекогаш и по полноќ. Посебна специјалност им е терминот доцна навечер, во пресрет на викенди и празници.
И така со ред, веќе со години. И во моментот кога се пишува овој текст (четврток, 1 април), на крајот од уште една недела во нашите животи, ако се свртиме на деновите зад нас, ќе наидеме на густа шума од лажни вести, дезинформации и говор на омразата, често толку вулгарни и апсурдни што на човек му станува гадно. А ако ги остави, тие се шират како вирус. Ако тужи, ќе се измалтретира. Да чека на институциите (обвинителство), бадијала…
Лажните вести, ако не ги започнат, тогаш сигурно ги запечатуваат цели пратеници, бивши министри во владата на Груевски, а сегашни високи функционери на партијата. Премиерот го спомна талентираниот Антонијо Милошоски (на Твитер и: Македонски) како еден од главните дистрибутери за тој ден. Во име на „дијалогот“ и „откочувањето“ на демократските процеси, тоа се смета за „слобода на изразување“…
И знаеме дека, всушност, целата партиска врхушка, на чело со првиот човек на партијата, се креатори на лажни вести, дезинформации и говор на омразата. И Европскиот парламент објави студија каде што Мицкоски е посочен како извор на дезинформации (Мапирање на лажните вести и дезинформации на Западниот Балкан и идентификување начини за борба со нив). А за талентираниот Милошоски е познато дека се појавува и како алијас во некои интернет портали. Ако не се лажам, еднаш и направи интервју самиот со себе. И не саде тие и не саде тука. Со нив се натпреваруваат и други, помали, но не помалку отровни поединци и групи.
Сè си знаеме. Ете, министри, па и цел еден премиер се жали на лажните вести. А прашањата „како, кој и кога“ ќе се справи со дивата лавина од кампањите за дезинформирање на јавноста и директното загрозување на јавниот интерес, а во голем број случаи и на безбедноста, некако веќе и никој не ги поставува. Сите с(м)е заглавени во дневните реакции на поединечните проектили лансирани од пропагандните центри, броиме „мртви и ранети“, лечиме колку што можеме и како што умееме. Но се чини дека „битката“ е залудна…
Сè повеќе луѓе избираат теории на заговорот и сензационални наслови, наместо информации и факти. Сè повеќе луѓе забораваат на основните правила на пристојноста и избираат да бидат вулгарни и лигави. Може ли полошо од ова? Може, може! Секогаш може полошо!
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.
This post is also available in: English