ЦИВИЛ - Центар за слобода ги додели наградите од четвртиот циклус на натпреварот „Биди граѓански новинар“, во саботата, по завршувањето на обуката на граѓанските новинари во состав на проектот „Граѓански објектив“.
Материјалите, кои учесниците ги направија за време на теренските активности, како практичен дел од обуката, исто така, влегоа во конкуренција на наградени, за што одлучуваше тричлената комисија од тимот на ЦИВИЛ.
Според одлуката на комисијата, беа доделени две четврти награди: за фото-веста на граѓанскиот новинар, Сотир Габелоски од Крушево, „Користење на службени возила за партиски цели“ и на тетовчанката Хазизе Јонузи, за видео-веста „Ниту нивните гревови не ги даваат...“ , приказна за манипулациите со неисполнетите ветувања и со партиските притисоци врз ромските гласачи.
Третонаградена беше Елена Илиевска од Битола за видео материјалот „Неовластено снимање во Битола“ , приказна за лицето вработено во СВР, кое неовластено снима на протестот на Шарената револуција, организиран на 6-ти јуни во Битола.
Второ место комисијата го додели на граѓанскиот новинар Даниел Аврамов за веста и фотографиите за приказната „Граѓаните од Тафталиџе го бранат паркот од општинските власти“.
„Приведен возачот на комбето на Шарената револуција“ е првонагрдената видео-вест на граѓанската набљудувачка Наталија Попоска, која веднаш ги испрати фотографиите и првичните информации за приведувањето до тимот на ЦИВИЛ, а нашиот набљудувач на терен ја потврди. Со брзата реакција на грѓанската новинарка, редакцијата на ЦИВИЛ Медиа имаше можност прва да ја алармира јавноста за приведувањето на возачот и совозачот на комбето на Шарената револуција, под силно полициско обезбедување, непосредно по завршувањето на протестот под мотото „Хорхе ти си срам за Македонија“, одржан на 30 мај.
Комисијата на ЦИВИЛ реши материјалите „од терен“ на учесниците на обуката, да влезат во конкуренција за последниот циклус од натпреварот „Биди граѓански новинар“. Својата одлука членовите на комисијата ја образложија со потребата за доработка на видео материјалот и приказните кои граѓанските ноивнари ги направија на скопските улици за само час и половина.
Наградите беа доделени во рамки на проектот „Граѓански објектив“ на ЦИВИЛ, финансиран од National Endowment for Democracy.