Утрово започна процесот на преземање и дистрибуција на гласачкиот материјал што го изработи битолската печатница „Киро Дандаро“.18
Државната изборна комисија го презеде доверливиот материјал, гласачките ливчиња и други материјали потребни за претстојните претседателски избори, како и за вонредните избори за градоначалник во општините Охрид, Дебар и Ново Село.
Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски на прес – конференцијата во Битола, ги демантираше лажните вести за ликот на гласачкото ливче, публикувани од социјални медиуми.
„Во оваа прилика сакам да демантирам одредени шпекулации кои се појавија на социјални мрежи, а поврзани со изгледот на гласачкото ливче. Како што претходно кажавме, гласачкото ливче го содржи знамето на нашата држава, редните броеви на кандидатите, име и презиме на кандидатите, и симболите на политичките партии кои дадода согласност за тие симболи. Други ознаки на гласачкото ливче нема и нема потреба јавноста да се доведува во заблуда за наводни други додатоци“, изјави нагласи Деркоски.
Генералниот директор на АД Печатница „Киро Дандаро“ – Битола, Драги Милошевски изјави дека гласачките ливчиња не може да се фалсификуваат бидејќи имаат 21 заштита.
„Гласачкиот материјал е изработен на највисоко квалитетно и безбедносно ниво. Гласачките ливчиња имаат 21 заштита и невозможно е фалсификување на ниту еден лист. Посебна заштита има и за оригиналните записниците и тие не може да се преправаат ниту копираат. Во печатницата се изработи и гласачкиот материјал за вонредните локални избори за градоначалник во Охрид, Дебар и Ново Село“ – истакна Милошевски.
На единствениот избирачки список запишани се 1.808.131 гласач, а гласањето ќе го спроведуваат 80 општински изборни комисии на 3.480 избирачки места.
Во сабота ќе гласаат 3.583 болни и немоќни лица, 1.600 затвореници сместени во затвор или куќен притвор, како и седум расселени лица кои се пријавиле во ДИК за гласање, како и граѓани од дијаспората, на 32 гласачки места во дипломатските конзуларни претставништва. Од дијаспората се пријавени 1.782 гласачи.