„Сакајќи или не сакајќи премногу зборуваме за тоа колку е важно да сме против дезинформациите и лажните вести“ Уверен сум дека на тој начин како да им придадовме повеќе моќ отколку што имаат центрите за манипулации. Се втурнавме премногу во една реактивност, со тоа можеби несвесно придавајќи си повеќе страв и несигурност“ – рече националниот координатор за комуникации во Владата, Марјан Забрчанец на конференцијата „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“.
Тој потенцираше дека не ги потценува дезинформациите и лажните вести, но смета дека демократската приказна и демократските вредности се поголеми и повредни.
„Треба да бидеме препознаени по она за што се залагаме, а не по она против кое се бориме. Затоа иницирам промена во јавниот наратив и ќе тежнеам кон наметнување на проактивната наместо реактивната агенда“ – рече Забрчанец.
Тој кажа дека доколку повеќе се зборува за активна транспарентност, медиумска писменост и професионално новинарство ќе се зголеми сигурноста и ќе биде поефикасна одбраната на демократските вредности.
„Тоа значи борба против дезинформации и справување со лажните вести. Новиот пристап ќе обезбеди повеќе сигурност и нема да дозволи кај јавноста да се наметне страв и несигурност. А токму тоа е целта на дезинформаторите. Кога сте постојано во одбранбен мод тогаш сигурно дека стравот е поголем“ – рече Забрчанец.