На денешната прес-конференција на портпаролите на Владата, Арсовски и Хоџа и на претставникот на Државниот завод за статистика, Ѓоргиева, портпаролот Арсовски изјави дека повикувањето на бојкот на пописот е кривично дело.
„Повикувањето на бојкот на пописот е кривично дело според чл 387 на КЗ.“ Тој го цитираше овој член од Кривичниот Законик Организирање на отпор Член 387:
(1)Тој што ќе организира други на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(2)Ако поради делото од став 1 дошло до неспроведување или до значително отежнување на спроведувањето на законита одлука или мерка на државен орган или делото го стори како водач на група, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години.
„Пописот во услови на пандемија е целосно безбеден и граѓаните треба да бидат спокојни. Здравствениот протокол за пописот 2021 е изготвен до најситен детал за да се заштити здравјето и на попишувачите и на попишаните. Пописот е граѓанска обврска утврдена со закон. Учеството во пописот е задолжително и претставува одговорност на секој граѓанин кон државата“, изјави Арсовски.