Опозициската ВМРО ДПМНЕ викендов се посвети на ширење на лажни вести и дезинформации со цел да се наруши угледот на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев. Во време кога има политички несогласувања со соседна Бугарија и додека членовите на македонската влада се обидуваат да ги надминат проблемите, бугарскиот портал Биг5 објави „ексклузивни фотографии од новото прибежиште на премиерот Зоран Заев“, односно дека има вила на Халкидики, Грција. Порталот тврди дека Заев редовно одел во вилата на одмор и дека не била купена на негово име, туку на име на друг член од семејството.
Веста која ја објави порталот Биг5 е лажна вест, односно непроверена и непотврдена. Сајтот нема соодветен импресум, така што не е познато кој работи таму. Меѓутоа, тоа не ги спречи дел од македонските портали блиски до опозицијата, оваа „ексклузивна вест“ да ја пренесат експресно и да ја шират масовно на социјалните мрежи.
По оваа лажна и тенденциозна вест, на Твитер се огласи Владата со демант:
Медиумските содржини објавени во некои информативни гласила дека претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев поседува вила на грчкото приморје се лажни и тенденциозни. Владата на Република Северна Македонија, во име на премиерот Заев, категорично и целосно ја отфрла веста, дека премиерот Заев не поседува куќа во Грција.
Бараме сите медиуми коишто ја објавија лажната вест во целост да го објават овој демант, во спротивно ќе се преземат сите правни механизми во насока на зачувување на угледот на засегнатите страни. Владата на Република Северна Македонија останува на определбата за борба против дезинформациите кои се главен непријател на демократијата и општествениот напредок. Граѓаните имаат право на пристап до релевантни и вистинити информации и Владата преку јавните институции и отворената соработка со медиумите и медиумските здруженија воспостави нови практики на почитување на принципите на вистинитост, отчетност и транспарентност“, се наведува во соопштението од Влада.
И покрај демантот на Владата дека Заев нема вила во Грција, сепак лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не пропушти прилика на Фејсбук да ја шири лагата за измислената вила на Заев: „Претпоставувам дека во сопственичкиот лист вие тешко ќе го најдете името на Зоран Заев, но истовремено сум сигурен дека во имотниот лист ќе најдете имиња кои што некако ќе можат да се поврзат со семејството Заеви“.
По стапките на лидерот и партиските портпароли исто така не пропуштија да се јават за „вилата на Заев“. Наум Стоилковски на Фејсбук напиша: „Сите се подновија, Зоран Заев со вила на Егејско…“, додека пак Димче Арсовски, ден потоа закажа и прес-конференција на оваа тема: „Странски медиуми вчера известија за имотот на блиски луѓе од семејството на Зоран Заев дека поседуваат нова луксузна вила на Халкидики, далеку поголема и полуксузна од онаа која ја знае јавноста. Ние не чувме никаков демант од семејството Заеви, дека никој од семејството Заеви не поседува ваков луксузен имот кој чини неколку милиони евра“, рече Арсовски.
Демантот од Владата не ја спречи пропагандната машинерија на опозицијата. Паралелно со пренесување на пресот на Арсовски за „вилата на Заев“, истите портали објавија понови „ексклузивни фотографии“, пренесувајќи нови фотографии од Твитер профилот на Чарлс бојкот.
Но, ако се побара на интернет ќе се најде истата вила која се продава или издава. Пример може да се најде и на страницата Букинг (booking.com).
Но, ова не е првпат опозициската ВМРО-ДПМНЕ да презема цели операции за нарачка, создавање и пласирање на лажни вести дека Заев има куќа во Грција. И пред шест години, на 15 август 2014 година, порталот Курир објави лажна вест со наслов „Заев молчи – чија е ова куќа во Грција“?
Освен лажната вест за „вилата на Заев на Халкидики“, порталите кои се блиски до опозицијата објавија дека Судот во Стразбур одлучил дека важи аболицијата со која Иванов во април 2016 година ослободи од прогон 54 лица, односно дека не е и не може да биде повлечена или укината.
Министерот за правда Бојан Маричиќ на Фејсбук објави дека информацијата објавена во некои медиуми дека Судот за човекови права во Стразбур одлучил дека аболицијата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов важи – претставува „класична лажна вест“.
„Она што е точно е дека пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, одредени лица обвинети или осудени во постапките на поранешното СЈО почнаа постапка со која ги проблематизираат тековните судски постапки во Северна Македонија, од аспект на аболициите на Иванов“, наведува Маричиќ.
Тој посочи дека Eвропскиот суд за човекови права (ЕСЧП) на 25 септември 2020 година, на одговор до Владата доставил две групи на апликации кои се поднесени против државата пред овој меѓународен суд, a во однос на предмети кои се тековни пред домашните судови и се во врска со прислушкуваните разговори.
„Но, овие апликации не се одлучени од страна на ЕСЧП, туку на 25.09.2020 година, само се доставени на одговор до Владата на Северна Македонија, а постапката за нивно одлучување треба допрва да почне наредната година“, додава министрот за правда.
Според него, апсолутна шпекулација се информациите за евентуалните последици по тековните предмети пред домашните судови, кога предметните постапки пред ЕСЧП се во почетна фаза на комуникација, а за исходот од постапките, секако ќе треба да се почека одлуката на Судот во Стразбур, која може да дојде и по три години.
„Сепак, со ширењето на лажната вест дека предметите потонале се врши притисок врз домашната правосудна власт да не одлучува по овие предмети. Но, исто така се открива и визијата за Правдата во очите на опозицијата. Нивна единствена визија за правда е аболицијата на Иванов. Судските процеси ќе продолжат по постоечките закони на нашата држава, а правда мора да има за сите, додава министерот Маричиќ во објавата на Фејсбук.
Лажните вести и дезинформации се штетни за демократијата. Граѓаните заслужуваат да бидат информирани и да не бидат манипулирани од политичарите.
Дехран Муратов