Питер Ванхауте, белгиски дипломат, поранешен пратеник во Федералниот Парламент на Белгија, медијатор, специјализиран за политички конфликти, поранешен европски медијатор во македонската криза во 2015, е еден од најпопуларните странски дипломати во земјата. Тој манифестира континуирана посветеност да ѝ помогне на земјата да тргне во вистинската насока – демократија и владеење на правото. Овие денови, неговата мисија е да ги посоветува главните актери за итните чекори кои треба да се преземат во насока на демократските реформи во земјата.
Г. Ванхауте, која е вашата проценка за сегашните случувања во земјата, особено во однос на практиките и политиките на владата?
ВАНХАУТЕ: Би рекол дека има прогрес, во споредба со тоа каде бевме пред една година. Работите дефинитивно се различни. Атмосферата е многу порелаксирана. Гледам многу иницијативи кои доаѓаат од владата и кои се развиваат, но тоа не е доволно. Се зборува за пристапување кон ЕУ, се зборува за членство во НАТО, се зборува и за спорот за името, сето тоа е мошне битно, владата треба да работи на сето тоа.
Но, она што јас сметам дека недостасува е што прво треба да се работи на вистинските приоритети: луѓето се грижат за економскиот развој, за здравствената заштита, за образованието. Овие работи се во срцето на вашето општество и доколку не можете да ги подобрите, тогаш постои огромен проблем.
Кои се итните препораки, итните чекори кои владата треба да ги преземе во однос на сето тоа?
ВАНХАУТЕ: Би сакал да ја видам владата да излезе со јасна стратегија. Тие треба прво да ги дефинираат приоритетите и да кажат – во следниот период ќе се фокусираме на тоа, тоа и тоа – образование, здравствена заштита, економски развој. Сметам дека ова се најважните прашања на списокот. А потоа треба да излезат со конкретни планови за тоа како ќе ја подобрат состојбата. И тоа не само од нивните канцеларии тука во Скопје, туку треба да патуваат низ целата земја, да разговараат со луѓето, да осознаат поточно кои се проблемите и што може да се стори во најкраток можен рок. Не во наредните дваесет години, туку сега. Треба да дејствуваме сега. Сметам дека тоа е многу итно.
Што треба ние како граѓанско општество да сториме?
ВАНХАУТЕ: Граѓанското општество, идеално, треба да биде во средина, меѓу владата и граѓаните. Но, вие дефинитивно сте на страната на граѓаните, така што, од една страна, треба да ја зајакнете свеста меѓу граѓаните, да ги мобилизирате луѓето во однос на нивните итни потреби и да им кажете – ајде сега да одиме кај владата и да ѝ кажеме што сакаме итно да се направи.
Џабир Дерала
Камера: Атанас Петровски
Фото: Биљана Јордановска