пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Една од главните причини зошто прогресивниот дел од граѓанското општество и медиумите се на удар е потребата да се заплашат и дискредитираат оние што можат да обезбедат јасна слика за деструктивните политики и практики на одредени центрите на моќ на кои не им одговара продолжување на демократските процеси. Нападот врз прогресивните сили во општеството не е својствен само за Северна Македонија. Илиберални тенденции и хибридни закани против демократијата се бележат во повеќе земји во светот, па така и овде земаат замав.
Логиката е многу едноставна. Со секојдневно ширење говор на омраза, со повици за линч, односно физичка ликвидација на активисти, новинари и експерти, како и на нивните семејства и блиски луѓе, се постигнува одреден ефект на заплашување.
ЗАПЛАШУВАЊЕ
Затоа, дел од групите или поединците што се јавно нападнати, се притајува, па и сосема замолкнува. Дел од активистите, новинарите и експертите се колебаат да излезат во јавноста, бидејќи се исплашени за својата и безбедноста на нивните семејства. Останатите, порешителните, губат време и енергија на одбрана од тие напади, што ги одвлекува од нивните примарни задачи, а тоа е да учествуваат во важни општествено политички процеси, да спроведуваат кампањи за јакнење на јавната свест, граѓанската едукација, мониторингот и сè друго што ја подразбира нивната мисија.
Со континуираните напади со лажни вести и дезинформации, вулгарности, навреди и клевети, насочени против прогресивните групи во општеството, се прави обид да се дискредитираат активистите, новинарите и експертите. На тој начин, преку оцрнување на авторите на колумни, извештаи, анализи и препораки во јавноста, се релативизираат критиките и им се припишуваат на „мрачни, заговорнички сили“, а самите автори се етикетираат како „неморални, предавници, платеници, странски агенти и шпиони“.
РЕЛАТИВИЗИРАЊЕ: СИТЕ СЕ ИСТИ
Најмалку што може да се постигне со ваквата пропагандна активност на деструктивните центри на моќта во општеството е да се добие впечаток дека „сите се исти“. На тој начин, луѓето се обесхрабруваат да учествуваат во процесите на носење одлуки и им се наметнува мислењето дека не можат ништо да променат, колку и да се трудат. Релативизацијата ги намалува криминалните постапки на одредени структури во очите на јавноста и внесува еден лажен критички дискурс, од кој не произлегуваат ставови засновани на факти, туку на емоции кои се предизвикуваат кај луѓето.
Паралелно со тоа, се мобилизираат радикализираните слоеви во општеството кои промовираат недоверба кон институциите и нетрпеливост кон прогресивните поединци и групи, а „решението“ на проблемите во општеството го нудат во форма на исклучивост, сегрегација, дискриминација и насилство, па и во етничкото чистење и политичките ликвидации.
КРИМИНАЛНИ МОТИВИ
Говорот на омразата е највалканото пропагандно оружје на криминалните политички структури. Во отсуство на прогресивни идеи, таа пропаганда е секој ден сè повеќе валкана. Со таквата пропаганда се освојуваат позиции во општеството и системот, но мотивите се далеку од патриотски, како што сакаат да се прикажат нејзините носители.
Напротив, мотивите се криминални од повеќе аспекти, почнувајќи од желбата за лично богатење, завршувајќи со желбата да се контролираат процесите или барем да се влијае врз нив, а потоа со тоа влијание да се тргува со центрите на моќта кои имаат дијаметрално спротивни интереси од оние на македонската држава. Затоа, оваа пропаганда има и безбедносни аспекти. Не е ни малку наивно, иако важна задача на „продуцентите“ на овие кампањи е да ги прикажат како наивни изблици на револт на „неутралните“ граѓанки и граѓани (од кои повеќето се партиски ботови или тролови).
(продолжува)