УЧК – редовниот џокер на ДУИ

Од почетокот на изборната кампања па сѐ до последниот митинг, ДУИ никогаш не ја пропушти можноста да ја спомне војната во 2001 година и што сѐ жртвувале некои членови на партијата кои учествувале во таа војна. Од една страна, кажуваат дека се компетентни политичари кои знаат како да работат за Албанците во земјата, а од друга страна, со овие воинствени спотови и фотографии, како да кажуваат дека е време за војна или, ако е потребно, тие се спремни повторно да се фатат за оружје. Веројатно, кога би ги прашале, ќе кажат дека тие не се за војна, туку дека на тој начин успеале да го решат албанското прашање во Северна Македонија.

Сепак, ова резултира со поголема поделба помеѓу нивните подржувачи и останатите жители во земјата. Постојаното појавувањето на ваквите „патриотски“ пораки од страна на ДУИ, има  националистички ефект, што оди против пораката која што тие претендираат дека ја носат со кандидирањето на албански премиер, дека тоа, всушност, ќе ги зближи различните етнички заедници во Северна Македонија.

Куманово

На митингот во Куманово, Берат Ајдари од ДУИ одговари на обвинувањето на Мухамед Зеќири од СДСМ, во кое вели: „Не познавам друга политичка партија, освен ДУИ, која има закрвавени раце”.

На ова Ајдари вели:

„Слушнав дека еден кандидат за пратеник, Албанец со изгубен национален идентитет, кој не смее ниту да зборува на албански, зборувал за ДУИ.

Кажал дека рацете ни се валкани со крв. Да, моите раце се покриени со крв. Но со крв на паднати борци, со крв на војници.

Мојата крв не е мешана, ниту расипана, ниту валкана. За да ги знаеш вредностите на војната, првин треба да ја знаеш вредноста на семејството. Некој што не војувал за своето семејство, не можеме да очекуваме да се бори за нацијата”, истакнал Ајдари.

Ова видео е објавено на фејсбук страницата на Bashke.tv. и има над 500 реакции и 115 споделувања. Во коментарите Зекири е наречен, шпион, каур, куче… Бројот на споделувања и подржувачи е загрижувачки, особено кога пораката содржи ваква негативна конотација.

Кичево

На последниот митинг кој ДУИ го одржа во Кичево, се истакна дека војната била алка за ослободувањето и начин на кој Албанците добиле правда во државата.

Градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари од редовите на ДУИ, вели дека Зијадин Села и Биљал Касами не биле во УЧК во текот на војната, што значи дека тие се неспособни да го вратат достоинството на Албанците во земјава, кое според него, е изгубено.

Дури и кандидатот за премиер од страна на оваа партија, Насер Зибери, се приклучи кон делењето пораки од овој тип. На почетокот на неговиот говор, тој го поздравува Кичево дека е „град на мажите борци, војници и ослободители“.

А, додека лидерот на партијата Али Ахмети држеше говор, публиката едногласно скандирала „УЧК, УЧК“.

Скопје

И на митингот во Скопје, иако поумерено, ДУИ не изостави да ја спомне 2001 година. Важно е да се спомне дека во Скопје, Али Ахмети рече дека на некој настан во далечното минато, Гоце Делчев пред Албанците одржал говор носејќи кече (бела капа). Наредниот ден неколку историчари Албанци го демантираа Ахмети дека се случило нешто такво, укажувајќи дека не постои документ или фотографија која го ќе го потврди тоа.

Но, за ДУИ тоа не е нешто ново, и во 2016 година на парламентарните избори, Артан Груби  ја започна кампањата со извици „УЧК, УЧК“…

Мониторинг тим на ЦИВИЛ