ЦИВИЛ: Стоп за политичка злоупотреба на децата!

ЦИВИЛ – Центар за слобода најостро ја осудува злоупотребата на децата и малолетниците во политички и изборни цели. Врз основа на долгорочниот изборен мониторинг на ЦИВИЛ, се констатираат случаи на злоупотреба на деца и малолетници пред и по почетокот на кампањата за претседателските избори во Република Северна Македонија.

Политичката злоупотреба на децата е забранета со закон! Според член 12, став 4 од Законот за заштита на децата, се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување.

ЦИВИЛ ги потсетува политичките партии, родителите, медиумите и институциите дека секое дете, без никаков исклучок, има право на достоинствен живот и да ги ужива сите права наведени во Декларацијата за правата на децата и во Законот за заштита на децата. Голем број деца немаат пристап до квалитетно образование, здравствена заштита и достоинствени услови за живот.  Тие имаат право на безгрижно детство, ослободено од дневно политичките случувања.

Местото на децата е надвор од политиката! Политичките партии и нивните поддржувачи мораат да дадат придонес за заштитата на децата, а не за нивна злоупотреба. Државата и институциите имаат обврска на децата да им овозможат физички, ментален, духовен, морален и социјален развој, здрав и нормален начин на живот во услови на слобода и достоинство!

ЦИВИЛ во континуитет ги алармира јавноста, политичките партии и институциите за злоупотребата на децата за политички цели и бара од институциите да ги санкционираат сите што ги вовлекуваат децата во политиката на било кој начин.

ЦИВИЛ порачува: СТОП за политичката злоупотреба и индоктринација на децата! Не смееме да дозволиме развојот на децата да биде контаминиран со идеолошки, политички, етнички, верски, родов или социјален антагонизам и мобилизација.

ЦИВИЛ бара од институциите да преземат решителни санкции против сите што ќе се обидат децата и малолетниците да ги стават на својата листа на активности. Едноставно, тоа мора да престане веднаш!

 


ЦИВИЛ ги повикува сите набљудувачи, поддржувачи, членови и граѓанките и граѓаните да пријавуваат политичка злоупотреба на децата, подеднакво како и говорот на омразата, злоупотребите и другите изборни нерегуларности.

Пријавите може да се испраќаат во порака по електронска пошта ([email protected]), Фејсбук, по телефон (02 / 5209 176), на онлајн пријавата за изборни нерегуларности или лично во седиштето на организацијата во Скопје.