ЦИВИЛ со панел за младите и европските вредности

ЦИВИЛ денес организира панел дискусија насловена „Младите и европските вредности“ која ќе се одржи во Хотел Парк&Спа (зад градски стадион), во Скопје, со почеток во 13 часот.

Учесници на панелот ќе бидат Билјана Арсовска-комуниколог, Андреј Стојкоски-Национален младински совет на Македонија и Билјана Стојческа-Младински сојуз Крушево. Модератор на настанот ќе биде Ирена Крџиќ, ЦИВИЛ.

Колку младите се запознаени со европските вредности, дали нивното општествено –политичко опкружување отвора можности за промовирање и негување на европските вредности во нашата земја или уште повеќе ги охрабруваат за нивно заминување во странство, колку образовниот систем придонесува за европеизација на младите, постои ли европска иднина за младите во нашата држава, кои се искуствата да се биде млад овде и во некоја од европските земји, се само дел од прашањата на кои ЦИВИЛ и учесниците на панел дискусијата ќе се обидат да дадат одговор.

Дискусијата ќе се организира со физичко и онлајн присуство и ќе трае најмногу еден час.

Настанот ќе се пренесува во живо на видео каналот и Фејсбук страницата на ЦИВИЛ, а содржините што ќе произлезат од настанот, ќе се објавуваат на ЦИВИЛ МЕДИА, медиумската платформа на организацијата, на македонски, албански и англиски јазик. Добредојдени се телевизиски екипи, со молба за строго придржување кон протоколите за заштита од Ковид -19.

За време на дискусијата, модераторот ќе ги следи реакциите и прашањата на социјалните мрежи, ќе ги пренесува до учесниците на дебатата и ќе ги очекува вашите размислувања и ставови.

Панелот е дел од проектот „Европски перспективи“ кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија од 1 април оваа година.

Преземањето на содржините е добредојдено, според лиценцата Creative Commons 4.0.

ЦИВИЛ