ЦИВИЛ со години се бори против дезинформациите, алармот стаса и до Европскиот парламент

„ЦИВИЛ со години се бори, објавува и зборува за лажните вести, хибридните напади против демократијата и дезинформациите, но требаше Европскиот Парламент да дојде и да ни каже дека имаме напад на демократијата и со тоа само ги потврди нашите наоди“, истакна Џабир Дерала, првиот човек на ЦИВИЛ, на Утрински брифинг, говорејќи за последната студија и официјален документ на Европскиот парламент за „Мапирање на лажните вести и дезинформациите на Западниот Балкан“.

„И највисоките европски, свестски институции и меѓунардони организации постојано упатувале на проблемот со лажните вести, дезинформациите и на хибридните закани против демократијата, но тоа секогаш било ставено во “свилени“ дипломатски ракавици и не допирало до јавноста. Тоа е една ситуација во која меѓународниот дипломатски речник не дозволува директно откривање, разобличување на одредени појави и личности. Таквиот пристап им давал простор на деструктивните, анти-западните и антидемократските центри на моќта да дејствуваат слободно и во најдемократските земји и со злоупотреба на слободата на говорот успеваа да пенетрираат длабоко во општеството.

Но, подобро доцна отколку ништо, но во нашиот случај мислам и малку предоцна. Четири години доцниме со конкретниот одговор против хибридните закани. Европа доцни зад стратегиите и опомените кои доаѓаа доаѓаа и од НАТО. Дури и една ваква компатибилна сојузничка структура не успеја да им ги отвори очите на бриселските бирократи. Ова конечно е една студија која ја нарачува и изработува една многу висока институција на ЕУ и ја објавува Европскиот парламент. Ова е јасна порака која ќе биде нападната на локално ниво, но во меѓународна констелација овие структури кои се спомнати во извештајот навистина не стојат веќе добро.

Морам да кажам дека е многу значаен чекорот кој го презема Европскиот парламент и највисоките ЕУ институции. Но мора да се спомне и дека оваа студија не е ни одалеку нешто ново – тоа го знаеме сите. На некој начин може да се каже дека донекаде е неправедно позиционирањето на експертите и граѓанските организации кои се борат против хибридбните закани во општествата со години наназад,

Еве за ЦИВИЛ ќе зборам, повеќе од деценија говориме за ова, јавноста не сакаше да го прифати тоа и ги затвараше очите. Требаше да дојде некој од Европа да го каже тоа, за сега нашите извештаи да добијат потврда. Сега треба медиумите, барем оние попорогресвните да се вратат наназад, да направат еден историјат и постојано да води една битка. Таму е и одговорот – ние имавме капацитет да му одговориме на овој напад на демократијата и по падот на режимот на Груевски.

Направен е материјалот и голем дел од изразите во овие студии се всушност од нашите извештаи. Кога ќе го видите овој конгломерат од стабилни, искусни, сериозни, релевантни експерти, организации, мислам дека имаме добар капацитет и појдовна точка. Ни требаше потврда од сериозна меѓународна политичка структура за сега да сме во ситуација кога можеме жестоко да одговориме.

Самиот акт на објавување е многу битен и е јасен сигнал до институциите. Кога ќе отидете во Брисел сигурно ќе ве прашаат што сте направиле со оваа проблематика. Тогаш оние што не преземале мерки да го спроведат законот преку институциите ќе бидат во многу непријатна ситуација. Она што е голема пречка кај нас е што се служиме со аргументи, мора да се служиме со аргументи, се придржуваме кон професионални стандарди и етички принципи, од другата страна имате сосема поинакво, нешто обратно, непринципиелно иподземно, вели Дерала.

За жал имаме едно пенетрирање во општеството каде одредена кампања има за цел да поларизира односи во државата, да направи врева, да ја обесхрабри индивидуата да го даде својот глас.

Ние сето ова го знаеме, (извештај од ЕУ го поврзува Мицкоски директно со ширење на лажни вести), но дојде абер од Европа која го означи, покажа човекот, што ние како професионалци со години го посочуваме истото лице за деструктивно дејствување, црна пропаганда. Но, тука има уште едно прашање – каде е кредибилитетот на медиумите што на исто рамниште го ставаат ова лице кое е посочено како извор на дезинформации во Западен Балкан. После ова треба човек да се повлече и да ги смени сите функционери кои работеле со „својот шеф“.

Но, најповикани се инстутуциите. Ѓаволот ја однесе шегата – имате наоди во студија објавена од ЕП во која се говори за криминално плаќање на медиуми, каде лидер на огромна партија се посочува како извор на дезинформации. Сето ова има законски и безбедносни импликации, смета Дерала.

Во извештајот како причини за дезинформации се наведени Референдумот, проблеми со соседите, но и антизападна кампања…

„Немаше да има ваква реакција доколку беше само внатрешен конфликт во нашето општество или Балканот, но за среќа се засегнати европските интереси. Руската пропаганда на Путин преку неколку европски лидери ги застапуваат црните кампањи и дезинформации, со цел да ги дестабилизираат општествата.

НАТО донесе стратегија за борба со хибридните закани и треба да продолжиме со пожестоко темпо против хибридните напади и дезинформациите“, заклучи Дерала.

Д.М.