ЦИВИЛ им честита на медиумските работници, особено на новинарките и новинарите, кои секојдневно работат напорно и вредно, изложувајќи се на ризиците што ги носи пандемијата на корона вирусот, и ја информираат јавноста за сѐ што се случува во земјава и во светот.
Воедно, ЦИВИЛ ја информира јавноста дека спроведува континуиран мониторинг на медиумската работа и на јавните настапи и дејствувањето на политичките партии, институциите и други формални и неформални ентитети во земјава. Мониторингот на ЦИВИЛ бележи дека, за жал, лажните вести и дезинформации, како и говорот на омразата и стигматизацијата во медиумите, а особено на социјалните мрежи не стивнуваат во периодот на вонредните мерки за спречување на заразата од КОВИД-19. Медиумскиот простор е исполнет со различни видови содржини што, под плаштот на „објективно“ информирање, застапуваат сосема различни, па и спротивни интереси од тоа што се подразбира под јавен интерес.
Голем проблем претставува и објавувањето неофицијални информации за корона вирусот во доцните вечерни часови, во кои дел од медиумите се повикуваат на „нивни извори во здравството“. Таков беше случајот со ширењето на дезинформацијата дека родилка од Охрид и нејзиното бебе починале од корона вирусот во клиниката во Скопје. Од Гинеколошко-акушерската клиника и од Министерството за здравство ја известија јавноста дека причината за смртта е најверојатно сепса со масивна тромбoемболија.
ЦИВИЛ ги повикува медиумите, пред да објават некоја вест поврзана со корона вирусот, добро да ја проверат информацијата и да објавуваат само точни и прецизни информации, бидејќи со секоја непроверена „ексклузивна“ информација дека починал или се заразил некој од корона вирус се причинува само штета и ги тревожи и така веќе загрижените граѓани.
Лажните вести и деструктивните политички настапи на одделни политички партии и други структури блиски до нив, нанесуваат непроценливи штети врз јавниот интерес и здравјето на граѓанките и граѓаните.
Постапките на одредени медиуми и политички структури, ЦИВИЛ ги оценува како крајно несериозни и опасни по јавното здравје, по напорите да се заштити јавниот интерес и да се спречи ширењето на заразата. Пандемијата мора да се сфати сериозно. Сега е време да покажат одговорност и кон себе и кон својата публика, но и кон сите граѓанки и граѓани на Република Северна Македонија.
Ова не е време за трка по „кликови“, сега е време за чесно, објективно и сериозно информирање на јавноста!
ЦИВИЛ ја повикува Владата и Министерството за здравство веднаш да реагираат на овие појави, и да се санкционираат оние „извори“ што даваат непотврдени и неточни информации на одредени медиуми, со цел да се спречи паниката за ширењето на корона вирусот.
ЦИВИЛ Тим за комуникации