Биди промената што сакаш да ја видиш во светот, ненасилството е „посилно од најмоќните оружја за уништување осмислени од генијалноста на човекот“, гради култура на мирот, толеранцијата, разбирањето и ненасилството, се дел од пораките што секоја година ги упатуваме по повод Меѓународниот ден на ненасилството, 2 октомври, воедно и роденденот на Махатма Ганди.
Овој ден е воспоставен во 2007 година, според резолуцијата на Обединетите нации A/RES/61/271. Според резолуцијата, Меѓународниот ден на ненасилството е можност „да се прошири пораката за ненасилство, вклучително преку едукација и јакнење на јавната свест“.
Република Северна Македонија, како земја-членка на ОН е обврзана целосно да ја почитува оваа резолуција, промовирајќи го принципот на ненасилство. Сепак, во екот на значајни политички привирања и општествени промени, тензични политики и разгорување на гневот по различни основи, граѓанките и граѓаните во Северна Македонија, како секогаш да се на работ од приминување на границата од ненасилни и мирни решенија, кон конфликтно и насилно продлабочување на проблемите.
ЦИВИЛ од своето основање во 1999 година ги следи принципите на ненасилство и заложба за човекови права и слободи. Како организација што се залага за свет во кој сите луѓе живеат во мирно и демократско општество, се бори за надминување на култот кон оружјето, го промовира начелото на потполна слобода на изразување и медиуми слободни и независни од влијанието на центрите на моќта, независни институции целосно посветени на интересите на граѓанките и граѓаните, на Меѓународниот ден на ненасилство им порачува на граѓанките и граѓаните, како индивидуалци, но и како општество, наспроти сите предизвици да одговориме со активно учество во одржување на мирот, промовирање на слободата и приклонување кон процесите на помирување.
Денот на ненасилството треба да биде потсетник дека јакнењето на свеста и едукацијата за ненасилни политики, толеранција, почитување и разбирање како еден од факторите што треба да придонесат кон донстоинствен живот за сите.
ЦИВИЛ – Тим за комуникации
This post is also available in: English