ЦИВИЛ: Молкот на институциите и неказнивоста стануваат неподносливи!

Мораме да забележиме дека говорот на омразата, вулгарностите и навредите кои често се упатуваат во коментарите на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ и ЦИВИЛ МЕДИА се придружени и со основно непознавање на тоа за што се коментира.

Многу показатели упатуваат на заклучокот дека се работи за организирани групи кои добиваат инструкции да напаѓаат сѐ што е различно од нивната партиска матрица, без да се потрудат ниту да проверат каде ги насочува централата.

На партиските апаратчици не им е јасно дека медиумската платформа на ЦИВИЛ негува 20-годишна традиција на слободно изразување на голем број авторки и автори кои можат да го искажат својот став слободно и независно од било кој фактор. Единствено што не е можно е да се пласираат манипулации, лажни вести и говор на омраза, а слободно искажан став, чиј и да е, на што и да се однесува, се објавува на медиумската платформа на ЦИВИЛ, без оглед на тоа дали тоа е во согласност со уредувачката политика или не.

Таквото слободарско размислување не постои кај голем дел од партиските матрици, па така тоа се проектира и во пошироката јавност. Затоа, без да разберат, а веројатно и без да прочитаат за што се работи, партиските тролови упатуваат унифицирани пораки полни со омраза и повици на насилство против Организацијата или против нејзиното раководство, како и против други активисти, медиуми или против етнички или верски заедници. За нивото на писменост и да не говориме.

ЦИВИЛ со години ги повикува политичките партии да ги зауздаат своите партиски тролови и да ги охрабрат своите поддржувачи да размислуваат со своја глава, да се изразуваат пристојно и независно од нивните штабови за пропаганда. Сите повици до сега останаа без никаков одзив од политичките партии кои се познати по својата продукција на омраза и лажни вести. Напротив, партиските пропагандни штабови на овие ентитети продолжуваат со своето срамно и неодговорно однесување, уништувајќи ги сите шанси за аргументирана дебата во јавноста. Затоа, време е да реагираат институциите и јавноста.

Институциите, по којзнае кој пат, се повикани да постапат соодветно на законите и на обврските да им служат на граѓанките и граѓаните. Молкот на институциите и неказнивоста навистина стануваат неподносливи!