ЦИВИЛ –Центар за слобода остро реагира и го осудува говорот на омраза што се шири на социјалните мрежи по повод објавата на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, дека е позитивен на Ковид-19.
Говорот на омраза, во услови на вонредна состојба и справување со пандемија може уште повеќе да ги загрози човековите права и слободи. Ширењето говор на омраза за партиски и политички профити, на сметка на туѓото здравје и живот, само ја продлабочува кризата и ја деградира политичката култура во земјата. Наместо да помогнат и да се солидаризираат, одредени политичари очигледно ја користат пандемијата како можност да шират говор на омразата.
Уште пострашни се изјавите во име на верата, а со отровни изјави на сметка на здравјето на поединци, но и на сите граѓани независно дали се или не се позитивни на вирусот.
Независно од партиската или верската определба, ЦИВИЛ бара да престане ширењето на говорот на омраза и повиците на насилство.
ЦИВИЛ ги повикува надлежните институции веднаш да реагираат и да ги санкционираат ваквите напади, соодветно на законите, а јавноста ја повикува да го осуди ваквото однесување.
Само со заедничко спротивставување на ваквите појави можеме да ставиме крај на говорот на омразата и да помогнеме во борбата против пандемијата.
ЦИВИЛ Тим за комуникации