ЦИВИЛ им го честита 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права на сите граѓанки и граѓани на Северна Македонија и на светот и порачува: Борбата за човековите права и слободи продолжува!
Меѓународниот ден на човековите права, е повик за вклучување на сите граѓанки и граѓани во бескомпромисна борба во одбрана на човековите права и слободи. На овој ден ЦИВИЛ ги повикува институциите да манифестираат максимална одговорност и посветеност и ги потсетува дека човековите права и слободи се нивна прва и најголема обврска. Во духот на слободата, солидарноста и толеранцијата, ЦИВИЛ повикува на почитување и заштита на човековите права и слободи.
Обврска на секое општество, на сите институции на локално и национално ниво, на сите носители на одлуки, сопственици на бизнис и на сите луѓе е да ги почитуваат човековите права и слободи. Секој човек ги има истите човекови права и слободи како и сите други луѓе во светот, само затоа што е човек. Човековите права и слободи се неотуѓиви – никој не може да ги даде или да ги одземе, бидејќи тие веќе му припаѓаат на секој човек!
Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Универзалната декларација за човекови права во Париз, на 10 декември 1948 година. Декларацијата произлезе од мрачното искуство во Втората светска војна и потребата за заштита на основните права на човекот. Првиот член на Декларацијата „сите луѓе се раѓаат слободни и рамноправни во достоинството и правата“ потенцирајќи дека со самото раѓање, секој човек се стекнува со сите права опишани во Декларацијата.
Оваа година човековите права и слободи беа под сериозна закана од глобалната здравствена криза со Ковид-19. Освен правото на здравствена заштита подеднаква за сите, во многу земји во светот страдаа и слободата на говор, на медиумите, правото за навремена и објективна информираност. Пандемијата сѐ уште е предизвик за човековите права и слободи укажувајќи на кревкоста на човештвото, рамноправноста и достоинствено живеење.
ЦИВИЛ оваа година, во име на слободата и бескомпромисната борба за заштита на човековите права, а по повод Меѓународниот ден на човековите права, организира Фестивал на слободата кој опфаќа голем број учесници кои говореа и ќе говорат деновиве на голем број настани, панел дискусии и конференции. Дел од темите се: изборните реформи и гласачкото право, пандемијата и инфодемијата, социјалната правда и дискриминацијата, како и низа теми во доменот на човековите права и слободи. На панел дискусиите и конференциите се поканети експерти, граѓански активисти, високи владини претставници, претставници на медиумите и други.
ЦИВИЛ денеска, 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, ја организира Конференцијата за човекови права, правда и антикорупција „Следна Станица: Европа“ во две сесии, во 12 и 13:30 часот. Првата сесија од конференцијата е со наслов „Правда и владеење на правото“, а втората „Борба против корупцијата“.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да го одбележат Меѓународниот ден на човековите права и заеднички, во активистички дух, да испратат силна порака за почитување на човековите права и слободи, секаде и без исклучок.
Еден од клучните документи по кои се води ЦИВИЛ е токму Универзалната декларација за човекови права. Затоа и не е случајност што ЦИВИЛ, во областа на граѓанските и политички права, поведе иницијатива за прогласување на 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, како Ден на човековите права во нашата земја кој нема само пригодно да се одбележува од граѓанските организации, туку ќе биде ден на промоција и отчет на институциите и политичките структури за нивните напори и активности за подобрување и промоција, како и активно делување во духот на почитувањето на човековите права и слободи.
ЦИВИЛ тим за комуникации