пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ
Гласовите на помалкубројните етнички заедници во земјава (ромските, српските, бошњачките, влашките, турските…) се многу битни за време на изборните процеси. По завршување на изборите, лидерите на политичките партии на помалите етнички зедници добиваат „трошки“ и некои лични бенефиции, и толку. Во најголем дел, нивните гласачи остануваат без ништо, и со надеж дека нешто ќе се смени, до следното гласање…
„Циган по циган за уши“, „тепачки“, „брашно“, „зејтин“, „500 денари за еден глас“… тоа се првите асоцијации што ми текнуваат кога ќе се спомнат Ромите, во однос на изборните процеси. За жал, од работата на терен, и од извештаите на ЦИВИЛ, може да се заклучи дека ромската етничка заедница се користи како (нај)евтино, а скапоцено гласачко тело. Низ македонската изборна историја, евтиниот глас на Ромите, многу пати е злоупотребен. Некои политички структури, дури и од ромскиот политички кампус, гласовите на Ромите ги даваа(т) на бронзен послужавник за ситни пари, а со тоа ја запечатуваа(т) судбината на ромската заедница која со години нема свое „јас“ и свој вистински глас во ниту една сфера од општествените промени.
Новитет во изминативе претседателски избори беше тоа што група на млади и образиовани Роми, од неколку невладини организации, формираа иницијатива „Аваја“ (доаѓаме) и, во текот на претседателската кампања, успеале да соберат 10.000 потписи и да добијат ветување од идниот Претседател, во случајов Стево Пендаровски, дека во неговиот кабинет ќе има советник/чка од ромска етничка припадност. Пендаровски го состави тимот, но во неговата екипа нема Ром/ка.
Дали и овојпат Ромите ќе бидат излажани?
Во последните неколку изборни циклуси, покрај поткупот на гласови, актуелни стануваа и инцидентите што се случуваат кај Ромите за време на изборната кампања. Насловите од новинарските архиви и извештаите на набљудувачите на ЦИВИЛ сведочат за ваквите состојби: „СДСМ со расипано месо поткупува гласачи во Шутка“ (2011), „ВМРО-ДПМНЕ купува ромски гласачи со зејтин и вреќи брашно“ (2013), „Шекеринска нападната од Амди Бајрам“ (2014), „Изборен поткуп на Ромите со огревно дрво“ (2016), „Амди фатен како дели пари“ – (извештај на набљудувач на ЦИВИЛ), „Се кине кај што е најтешко“– (сведоштво на ЦИВИЛ), Гласавме „за подобар живот“, за сега да преживуваме од депонија!“, „Жителите на Баир, Битола: Политичарите на овие избори нема да нè излажат со водата!“ или „бомбата“ за екс-министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, каде што вели „Циган по циган за уши и право на гласање“…
Јавноста беше сведок кога кандидатот за градоначалник Елвис Бајрам беше претепан во Шуто Оризари, а од МВР информираа дека се идентификувани и повикани на разговор неколку лица кои учествувале во тепачката и во постапка е прибирањето докази за понатамошно постапување. Но, дали некој одговарал за кршење на изборниот процес никој не знае.
И овој случај немаше разрешница и се стави „под тепих“, како што беше нападот на Амди Бајрам врз Радмила Шекеринска на денот на изборите во 2014 година, или како што сè уште нема никаква пријава за екс-градоначалникот Елвис Бајрам, кога претепа граѓанин на пазарот во Шутка.
Шуто Оризари и останатите ромски маала во државата, досега се третирани како гето и речиси воопшто не се работи на едукација на гласачите, не им ги објаснува правата и обврските, накратко, никој не ги есапи до моментот кога треба „да се потегнат за уши“ и да се стават пред гласачките кутии. И не само ромските маала, туку и местата каде што има граѓани кои се припадници на помалкубројните етнички заедници, исто така, нема некаков интерес за нивно вклучување во општеството.
Прашањето е, зошто Ромите секогаш се користат за валкана кампања? Тоа е една од помалите групи на граѓан(к)и, но затоа редовно ги полнат извештаите на набљудувачите и насловните страници на медиумите за изборни прекршоци, поткуп и тепачки. Зошто е тоа така, кога се вели дека немаат моќ да влијаат на крајните резултати за тоа која од поголемите политички партии ќе биде на власт? Тоа, особено со оглед на фактот дека гласовите на Ромите се расцепкани и не гласаат за еден претставник, бидејќи има повеќе ромски политички партии.
Сепак, евтиниот ромски глас е скапоцен во одредени моменти. Пример, гласовите на пратениците Самка Ибраимовски и Амди Бајрам одиграа значајна улога за Преспанскиот договор. Како и гласовите на пратениците на помалите етнички задници.
Но, скапоцениот, често одлучувачки, глас на помалкубројните етнички заедници, досега евтино купен, се заборава веднаш по пребројувањето на гласовите, сѐ до наредното гласање!
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.
This post is also available in: English