Демонстрантите во Битола, синоќа пред зградата на општина Битола, поставија макета од автобус на која пишуваше „Транспортер“. Макетата е потсетување на предметот кој Специјалното јавно обвинителство го отвори против градоначалникот Владимир Талески, кој е еден од 56-те аболицирани криминалци од претседателот Иванов.
Тој е осомничен дека ја оштетил градската каса за 360.000 евра, преку злоупотреби со превозот на ученици. Протестот започна од плоштадот "Магнолија", каде демонстрантите имаа можност да ги проследат видео содржините подговтвени од граѓанските новинари, во рамки на проектот "Граѓански објектив", кој е дел од активностите на ЦИВИЛ - Центар за слобода.
Демонстраните продолжија кон народната канцеларија на Иванов, Апелациониот суд и Обвинителството, кои беа обоени во знак на Шарената револуција.
Водени од трубачи со зурли и тамани, протестот заврши пред општинската зграда, каде беше поставена макетата „Транспортер“.
Пред присутните кои повеќе од еден месец секојдневно бараат оставка од Талески, се обрати адвокатот Мирослав Вујиќ, кој изрази надеж дека матурантите како резултат на протестите и граѓанскиот активизам, ќе имаат шанса да живеат во подобра Македонија.
Отткако барањето на контра-демонстрантите за избори на 5-ти јуни, не се исполни, ГДОМ не организира повеќе контра-протести во Битола, кои во неколку наврати во изминатиот период се одвиваа истовремено со продемократските протести.
Марија Теговска