Транспарентни и одговорни политички процеси во Струмица

ЦИВИЛ изминатиот викенд организираше семинар за транспарентни и одговорни политички процеси во Струмица.

Семинар во Струмица, 08.02.2020

Регионалниот семинар во Струмица беше посветен на активизмот, граѓанското новинарство и граѓанското учество во донесувањето одлуки на локално и национално ниво, како и на мониторинг на политичките процеси во земјата.

Учесниците преку предавањата на Џабир Дерала и Синиша Станковиќ од ЦИВИЛ, имаа можност да се запознаат со основите на граѓанското новинарство и основите на мониторирањето на изборните процеси.

На семинарот учествуваа граѓанки и граѓани од Југоисточниот регион.

Откако ЦИВИЛ го воведе граѓанското новинарство во следењето на човековите права и изборите, јавноста е алармирана, а исто така и прекршителите. Кршењето на човековите права и слободи не е повеќе невидливо – јавноста за тоа може лесно и веднаш да дознае, преку прилозите на граѓанските новинарки и новинари.

Учесниците на семинарите имаат можност активно да се вклучат во општествените промени на локално и национално ниво и да учествуваат во демократските трансформации на општеството.

ЦИВИЛ, како и сите претходни изборни процеси од 2008 година наваму, ќе го мониторира спроведувањето на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април.

Овој еднодневен регионален семинар претставува своевиден континуитет на семинарите што ЦИВИЛ ги организираше изминатите четири години, а се спроведе како дел од проектот „Граѓански објектив: Промовирање на транспарентни и одговорни политички процеси“ финансиран од National Endowment for Democracy, што ЦИВИЛ го имплементира веќе петта година по ред. На овие семинари до сега учествуваа над 1.100 граѓанки и граѓани од сите краишта на земјата.

Во меѓувреме, ЦИВИЛ ги охрабрува сите граѓанки и граѓани што сакаат да бидат активни чинители во општеството, да прочитаат и научат повеќе за важноста на граѓанското новинарство во последните публикации на ЦИВИЛ, што се резултат на ангажираноста и успешноста на граѓанските новинарки и новинари: Промената е во вашите раце, објавена во 2019 година, како и публикацијата Граѓански објектив: Повеќе од проект од 2018 година.

ЦИВИЛ Тим за комуникации