Додека сите очи се вперени во формирање на новото парламентарно мнозинство и формирање на нова влада меѓу коалиционите партнери СДСМ и ДУИ, и додека сè погласни се повиците од членството за оставка на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повторно на социјалните мрежи се шири и разгорува меѓуетничка нетолеранција, говор на омраза и повици за физички пресметки, откако пред два дена Тв Сител објави кратко видео од социјалната мрежа „Тик Ток“, во кое се гледа дека најмалку три лица тепаат едно момче, сугерирајќи дека тоа се случува во нашата држава.
Случајот предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, бидејќи на краткото видео објавено на профилот @problem1 на „Тик Ток“, со албанско знаме е „обележана“ ентичката припадност на тепачите, додека со натпис „вистински Тик Ток, тупаница и македонско знаме“ е обележан нападнатиот.
Сепак, разговорот меѓу напаѓачите и нападниот не може да се слушне, бидејќи е отстранет оригиналниот тон, а на видеото е монтирана музика. Настанот се случува навечер, и според снимката не може да се утврди каде точно се случил нападот, односно дали навистина физичкиот напад е во Македонија?
Министерството за внатрешни работи веќе ги бара тепачите од видеото од социјалната мрежа „Тик Ток“ и не откриваат повеќе податоци.
Но, останува дилемата – на кого му одговара во овој период да има инциденти? Во изминатите години бевме сведоци дека секогаш (пред избори) се користеа младите, особено навивачките групи да прават нереди и тепачки во автобусите, улиците, училиштата… Дали некој сака да ја дефокусира јавноста од вистинските проблеми?
Коментарите кои се под видеото на Јутјуб каналот на Тв Сител, наместо да нудат мирно решение на проблемот, тие уште повеќе поттикнуваат насилство и користат говор на омраза.
Институциите мора да реагираат и да ги санкционираат сите оние кои го прекршиле законот, односно да создадат безбедна атмосфера дека никој нема да помине неказнето и дека никој не е над законот. Исто така институциите треба да реагираат и кон тие што потикнуваат насилство и користат говор на омраза на социјалните мрежи, бидејќи граѓан(к)ите заслужуваат да се чуствуваат безбедни и сигурни без разлика дали се дома, на улица, во парк, односно дали се движат преку ден или навечер.
Никој нема право да ги ограничува и прекршува човековите права и слобода!
Дехран Муратов