Во политиката, Заев покажа ретка способност да ја сослуша другата страна, да влезе во чевлите на противникот. Тој им прости и на оние што сакаа да го убијат на 27 април 2017 година. Од него сега се очекува да ги разбере и оние што не му ја прифаќаат оставката. Бројни македонски и европски политичари и лидери јавно го повикуваат да продолжи со својата работа. Треба да ги сослуша. На крајот на краиштата, не го бараат за да му сервираат лесен и вкусен оброк, туку тешки задачи
ЏАБИР ДЕРАЛА
Нервозни денови на политичката сцена. Мицкоски не се осмели да се соочи со јавноста, па го пушти неговиот потпретседател да се „бори“ со медиумите. Навистина, со добар изговор, потпретседателот на десничарската ДПМНЕ, Николоски, е пратеник и самиот, а иницијативата за гласање недоверба на владата се поднесува во парламентот. Иако отсуството на шефот од тој значаен политички чин не може да се протолкува поинаку, освен како нервоза и несигурност во исходот.
Оваа дневнополитичка прогноза има краток рок – само до четврток, 11 ноември, кога ќе се гласа за иницијативата на ДПМНЕ за доверба на владата на Заев. Но не би била прогноза ако се напише откако сѐ ќе се разбистри, зарем не? И не е само до прогнозата, бидејќи не е тешко да се предвиди исходот од политичкиот јуриш на Мицкоски и неговите политички љубовници кон позициите на централната власт. Утеха е што не се обидоа со терористички напад да се доберат до власта.
Овие денови ќе останат запаметени по својата жестока динамика и политички пресврти својствени за стариот Рим (балканска верзија). Политичкиот репертоар се збогати со уште примери за недоследноста, бескрупулозноста и жедта за власт по секоја цена, посилна од моралот. Лицемерието и политичката прељуба ќе останат забележани во хрониките, без оглед на исходот од гласањето кој беше очигледен и во часовите пред соопштување на иницијативата на ДПМНЕ во парламентот. Но враќање сега нема и не треба да има.
Добра лекција за сите
А можеше подобро. И Мицкоски и двоецот Села-Гаши имаа можност да бидат дел од европскиот маратон на Македонија. Можеа да бидат дел од владата, да ја водат земјата сите заедно, но одбраа сами да се борат за власт, рака под рака со еден крајно сомнителен лик како Апасиев. Опиени од успехот на локалните избори (попрво неуспехот на СДСМ, според бројките), тие влегоа во авантура што ги надминува нивните капацитети.
Можеби ова е добра лекција за сите. Многумина го покажаа своето вистинско лице деновиве. На Мицкоски и Апасиев им се придружи дури и Касами кој на Заев му должи сѐ што му остана од политичката кариера. Кокетираа и други од коалицијата на СДСМ, но го пресметаа ризикот и останаа во прогресивното јато.
По уште еден политички и морален пораз, веројатно нема да понесат одговорност, туку ќе продолжат да наоѓаат фантастични изговори.
Но… Сѐ уште има шанси за сите. Наместо да продолжат со крадење на времето толку потребно за решавање проблеми, крајно време е политичарите да ги заработат парите што ги примаат од македонските граѓанки и граѓани. Тоа значи – да ги откочат процесите и да ги деблокираат парламентот и институциите. Да покажат лидерство и чувство за националните интереси. Да почнат со реална, па и жестока критика на сите грешки на власта. Тоа е задача на опозицијата.
Работата не е завршена, оставката не се прифаќа
Заев е сериозен човек и политичар. Покажа интегритет, одговорност и (пре)многу емоција. Не сака да го повлече тоа што го кажал. Но ако во политиката покажа ретка способност да ја сослуша другата страна, да влезе во чевлите на противникот, дури и да им прости на тие што сакаа да го убијат на 27 април 2017 година, сигурно може да ги разбере и оние што не му ја прифаќаат оставката. Бројни македонски и европски политичари и лидери јавно го повикуваат да продолжи со својата работа. Треба да ги сослуша. На крајот на краиштата, не го бараат за да му сервираат лесен и вкусен оброк, туку тешки задачи.
Заев има обврска да ја послуша македонската и европската јавност и прогресивните политички елити дома и во странство. Тие бараат од него уште еднаш да се надмине себеси. Има одговорност кон нив, а пред сѐ, кон македонските граѓанки и граѓани. Локалните избори се грижа на локалните структури на власта, сега во најголем дел во рацете на ДПМНЕ. Ножот в грб што постојано му го забива дел од партијата што ја предводи, не е ништо невообичаено. Има и полоши партии.
Има уште многу незавршена работа. Од Заев се очекува и да ја извади „метлата“ за која зборуваше уште во 2019 година, а фаќа прашина во шкафот на неговиот кабинет (и во партијата). Треба да ја земе в раце и да мете со неа до крајот на мандатот. Две и пол години не се малку. Може многу отпадоци да измете во меѓувреме, на општо и долгорочно задоволство на мнозинството луѓе, без оглед на политичката (дез)ориентација. Потоа, со малку расчистен двор, да зачекори уште порешително во пресрет на европската иднина на Македонија. Добар политичар е. Успешен.
Ако е тешко, да угасиме светло
Прашањата за „специјалната војна“ (хибридна ја нарекуваат по ново) во која е вовлечена нашата земја, остануваат да трепкаат со силно црвена боја. И тоа е на масата на Заев. Како и притисоците врз луѓето што започнаа во истиот миг кога дпмнеовските градоначалници седнаа во фотелјите на локалната власт.
И европскиот пат. Пандемијата. Енергетската криза. Финансиската криза. Реформите. Правдата. Безбедноста. Зелената агенда. Стратегијата „Едно општество за сите“.
Ако е многу тешко, ајде да угасиме светло и да си заминеме во депонијата на историјата.
*
ПС. Извадок од интерната комуникација на моите колешки и колеги (во оригинал, на два прекрасни македонски дијалекти):
„Едно прашање, дали Мицкоски се изјасни кој е неговиот став за вакцинацијата? Не можам нигде да најдам“ – прашува едната.
„Само кажа дека се вакцинирал за да можит по кафани да ојт“ – ѝ одговори другата на охридски.
„Е так’в сак државу да ни води!“ – воскликна иронично првата на кумановски.
(Не мора сѐ да е на скопски, зарем не?)