Изборни ветувања: Заев – зголемување на платите, Зибери – задолжително учење албански, Николовски добил поддршка од Иванов

Изборната кампања продолжува со несмалено темпо. Носителите на кандидатските листи го продолжуваат претставувањето пред граѓаните на мини собири и средби со граѓаните, како и на социјалните мрежи и на електронските медиуми. Изборните штабови веќе презентираа и дел од спотовите подготвени за оваа кампања.

Во изминатите две и пол години, СДСМ во целост го реализираше концептот „Парите назад кај граѓаните со што се зголеми животниот стандард и куповната моќ на нашите граѓани, а овој концепт не отстапивме и во време на глобална економска и здравствена криза“, порача лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска во Дојран.
Тој додаде дека концептот „Парите кај граѓаните“ е концепт во кој силно веруваат и оти тоа ќе го покажат во следниот мандат, парите уште повеќе ќе завршуваат кај граѓаните.
-До крајот на мандатот минималната плата ја креваме на 20.000 денари. Тоа е за дури 120 отсто повеќе од минималната плата од 9.000 денари на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година. Со СДСМ платите во сите сектори ќе растат уште повеќе. Просечната плата до крајот на мандатот ќе ја кренеме на 34.000 денари.
Истовремено со раст на платите ќе растат и пензиите. Најниските пензии ќе ги покачиме за најмалку 21 отсто, изјави Заев.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 4 Александар Николоски денеска е во посета на Валандово и валандовскиот регион.

Николоски оствари неформална средба и со поранешниот претседател Ѓорге Иванов од кој, како што вели, добил поддршка за предвремените парламентарни избори.

-Денес сум горд што добив поддршка од претседателот Ѓорге Иванов. Претседателот Иванов мојот професор од студентските денови од кого научив многу за политиката која сега ја применувам е најчесниот и најискрен претседател кого Македонија го имала. Далеку најголем патриот на чело на државата. Човек кој се спротистави на националното обезличување на Македонија. Неговата визија и совети се од голема помош за мене во оваа кампања, рече Николовски.

Имплементирање на консензуално законодавство при одлучувањето и заедничка одговорност, еднаква дистрибуција на јавните инвестиции, задолжителни часови по албански јазик во секое училиште, нула данок на добивка за три години за секој вработен за прв пат под 35-годишна возраст, донесување на закон со кој се забрануваат казината и игрите на среќа во далечина од еден километар од училиштата, црквите и џамиите, се дел од приоритетите на владината програма на ДУИ, која на отворено пред Владата ги претстави кандидатот за прв премиер Албанец, Насер Зибери.

– Ако сакаме подобар живот за себе во оваа земја, подобра шанса за идните генерации – треба да го промениме начинот на кој се прави политиката овде, треба да ја уништиме биполарноста на двете
најголеми македонски партии. Во оваа студена политичка војна, во оваа постојана војна меѓу тесните групи од интерес, никој не победи. Многумина извикуваа победа – но никој не преовлада. Сепак, едно е сигурно: дека ние, граѓаните, и Македонците и Албанците изгубивме. Ако не го запреме ова, за жал не само што ќе се изгубат битките од минатото, туку ќе се изгубат и битките за иднината, рече Зибери.

А.П.

Leave a reply