Таткото на тепаното дете во Кочани се заканува со оружје, МВР трага по него

Откако пред два дена група на граѓани извршија физичко насилство врз дете во Кочани во населбата „Трајаново Трло“ за кое објави ЦИВИЛ Медиа, вчера таткото на детето со пиштол и нож во рацете преку видео на социјалните мрежи упати сериозни закани.

„Парче по парче ќе ги исечам, ќе ги дробам, макар цел живот да завршам во затвор“, вели таткот на тепаното момче, во краткото видео што се споделува на сочијалните мрежи.

Од МВР за ЦИВИЛ Медиа велат дека го идентификуваа лицето кое се заканува со пиштол и нож, односно дека се работи за таткото на тепаното дете во Кочани и дека трагаат по него.

„Лицето од видеото е А.И.(36) од Кочани, татко на детето врз кое на 11.04.2021 во место викано „Трајаново трло“ беше извршено насилство од страна на повеќе лица. Од преземените оперативни мерки дојдено е до сознание дека А.И. не е на територијата на Република Северна Македонија и се преземаат мерки и активности за негово обезбедување. За настанот е запознаен Јавен обвинител и се работи на писмено документирање, по што ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од МВР.

Во врска со случајот со насилство врз дете во Кочани, за што постои и снимен материјал што се споделува на социјалните мрежи, ОВР Кочани во координација со ОЈО Кочани ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело „насилство врз дете“, а идентификувани се девет лица, со кои е извршен службен разговор и по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава. По преземени мерки утврдено е дека настанот се случил на 11.04.2021 околу 20 часот во Кочани.

 ОВР Кочани презема мерки и за расчистување на останатите инциденти кои следеле во текот на вечерта. Во координација со ОЈО Кочани до сега се приведени А.Н., Н.Н. и А.В., а извршен е службен разговор со 20 лица. По целосно расчистување и документирање на настаните ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Д.М.