Одговорот на прашањето дали се работи за тотална глупост и неукост или ова е дел од валкана пропаганда е повеќе од очигледен. Се работи за валкана пропаганда со жестоки навреди против генерал во нашата армија и против целата земја, воопшто. Ова е само уште една илустрација за тоа дека во тек е сериозна, добро испланирана пропагандна војна, платена од народните пари, а можеби и со „бонус“ од некои странски центри на моќта.
Фејсбук страницата „Само Македонија“ објави фотографија на која се Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и генерал Павле Арсоски. На фотографијата, со црвено е заокружен еден простор од униформата на генералот, под фотографијата со големи букви е напишано: „Вака изгледа Генерал на земја без име“, а во самиот пост се вели: „Последиците од Преспанскиот фашистички договор!“.
Фотографијата е објавена околу 15 часот, на 5 јануари 2020 година, во пресрет на големиот христијански празник Божиќ. По 18 часа, кога се подготвуваше овој текст, статистиката на овој пост изгледа вака: 418 реакции, 142 коментари и 102 споделувања. При прегледани една третина од коментарите, можевме да утврдиме дека практично сите, без исклучок, изобилуваат со говор на омраза, вклучително и по родова основа, како и повици на насилство, пресметка со „предавниците“ и слично.
Администраторите на Фејсбук страницата „Само Македонија“ МАНИПУЛИРААТ! Очигледно е дека тие намерно заокружуваат празен простор на униформата на генералот, упатувајќи ја својата публика на заклучок дека не е застапен симбол или име на земјата. И на самата фотографија што „Само Македонија“ ја изнесуваат како „доказ“, се гледа македонското знаме, веднаш над генералот.
Тоа што не е заокружено, а е видливо е токму македонското знаме на униформата на генерал Арсоски, веднаш десно од црвениот круг на фотографијата. Но, тоа не го „гледаат“ ниту администраторите, ниту тие што коментираат. Дел од тие што коментираат на овој пост се препознатливи и во други вакви „пропагандни акции“ кои со вообичаено вулгарен и потпалувачки вокабулар „настапуваат“ и под постови на други страници и содржини на социјалните мрежи.
Ајде да видиме како овие агитпроп „генијалци“ самите си „пукаат во колено“. Знамето е на вообичаеното место - на ракавот на униформата. За тоа како изгледа униформата на нашите војници и армиски офицери, може да посведочи и приложената фотографија од свеченоста што се одржа пред три дена (3 јануари 2020), по повод примопредавање на должноста командант на инжб. Должноста од досегашниот командант, полковник Арбен Јакупи ја прими потполковник Томе Пеев.
Униформата е дизајнирана според НАТО стандардите, а генерал-мајор Павле Арсовски е командант на Командата за операции во нашата армија. Да не говориме за тоа дека самата фотографија е добра илустрација за напредокот на нашата земја - модерна армија, опремена според стандардите на НАТО.
Продуцентите на манипулации, лажни вести и говор на омраза против македонските одбранбени сили не најдоа за потребно да ја истакнат ни оваа фотографија од самитот на НАТО во Лондон пред крајот на минатата година.
Манипулаторите „забораваат“ на исклучителната чест и вниманието што го доби највисоката државна делегација на нашата земја на американскиот носач на авиони „Хари Труман“, во декември минатата година, од каде што имаше мноштво од фотографии, како што е приложената подолу.
Одговорот на прашањето дали се работи за тотална глупост и неукост или ова е дел од валкана пропаганда е повеќе од очигледен. Се работи за валкана пропаганда со жестоки навреди против генерал во нашата армија и против целата земја, воопшто. Ова е само уште една илустрација за тоа дека во тек е сериозна, добро испланирана пропагандна војна, платена од народните пари, а можеби и со „бонус“ од некои странски центри на моќта.
Заклучоците се наметнуваат сами по себе. Останува отворено прашањето дали институциите, јавноста и медиумите ќе имаат соодветен одговор на ваквото однесување.
Џабир Дерала