„Како држава која е производ на антифашизмот имаме меѓунардодна обврска да ги промовираме човековите права и да потсетуваме на нивното значење“, истакна универзитетскиот професор Александар Спасов на Конференцијата за човекови права, правда и антикорупција „Следна Станица: Европа“ во организација на ЦИВИЛ по повод Меѓународниот ден на човековите права, на 10 декември.
Спасов додаде дека може да се каже дека ќе имаме успешни реформи ако воспоставиме функционален правен систем и кога ќе имаме функционална правна држава.
„Верувам дека се можни реформи, но имам чувство дека се приближуваме до ивицата до црвената линија после која ќе биде многу тешко да се убедат граѓаните дека заштитата на човековите права и демократијата се најдобрите облици. Разочарувањето е доста големо, довербата е многу ниска и тој оптимизам што се создаде со промената од пред неколу години треба конечно да биде искорисен и оправдан на граѓаните. Поради политички проблеми и решавања на големи стратешки прашања изгубивме доста време и сега да не ја преминеме таа црвена линија кога ентузијазмот и оптимизмот ќе се претворат во песимизам и апатија која што е идеална за создавање на авторитарни движења, ние мораме час поскоро да направиме реформи кои ќе донесат видливи резултати“, додаде Спасов.
Тој потенцира дека голем број на млади не ја напуштаат државата како што беше традиција во минатото „за корка леб или за минимална егзистенција“, туку сега ја напуштаат поради квалитетот на животот, а квалитет на живот во себе ги вклучува правната држава и сигурност и гаранција на човековите права и слободи.
Спрасов истакна дека се користи една фоскула дека имаме проблем со корумпирани поединци во судството, но дека системот функционира, односно непрофесионалните и корумпирани судии се малцинство во однос на чесните и посветените, но, сепак имаме далеку поголем системски проблем од тие неколкумина корумпирани и непрофесионални судии.
Спасов додаде дека поради непромислени и површни реформи во минатото, правосудството е претворено во спротивност и дека всушност имаме анти сиситем на правосудството. Според него, негативен тренд е и правничкото образование и дека мора да постои државна стратегија.
„Имаме преку 20 правни факултети, тука дури и некој ќе се праша како успеале да акредитираат студии по право, почнувајќи од каде имаат кадровски потенцијал“, вели Спасов.
Спасов додаде дека деградацијата на правничкото образование се гледа и по постојаното намалување на студентите по право и додава дека интезивната партизација и приватизација на судството е последица со која не можеме да се справиме.
„Преку кадровско екипирање се покажува како клучна грешка во спроведување на која било реформа во судството. Околу законодавството, често викаме дека имаме добри закони кои не се спроведуваат, ама ние имаме и закони кои не се добри. Носењето на кроени законски решенија каде личниот или приватниот интерес се читаат од законот, се читаше личниот закон за кој е кроен, такви закони се уште имаме во правниот поредок, и страв ми е да не почне од друга група на луѓе да се спроведуваат“, додава Спасов.
Според него, проблем е правната пракса и дека немаме унифицирање на правна пракса.
„Прашање на правдата во Северна Македонија не е фоскула за политички кампањи, на прашање за функционерите, ние како држава ќе станеме конечно или ќе продолжиме да бидеме таму каде што сме, квалитетот на животот ги содржи правната држава, непостоење на правен систем е причина за напуштање на државата од младите и професионалните кадри на луѓе“, истакна Спасов.
Според Спасов, соработката со меѓународните партнери, особено странски фондации и партнерски држави мора да биде поактивно вклучена во реформите на нашата држава.
„Кај нас имаше доста идеи за странци обвинители или носители на функции, но дури и да немаме, мора да се осигура начин да развојната помош која ни ја пружат да не заврши само со публикации, проекти или конференции, туку да има и реален ефект од оваа соработка“, додава Спасов.
Д.М.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети